Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина има план за нова контраофанзива, притоа додавајќи дека во моментов не гледа можност за преговори со рускиот претседател Владимир Путин.
„Русија ќе ја подготви својата офанзива на почетокот на летото или на крајот на мај. Тие ќе се подготват. Ние ќе се подготвиме за нивниот напад. Имаме план, јасно е, но не можам да дадам детали“, рече Зеленски на „ Медиумска конференција „Украина 2024“.
Тој изјави дека во моментов е невозможно да се седне на преговарачка маса со Путин, бидејќи, како што тврди, не сака да слушне никого и ништо.
„Дали е можно да се разговара со глув човек? Дали е можно да се разговара со личност која ги убива своите противници? Прашањето е на правно и политичко ниво. Ќе понудиме платформа каде тој (Путин) ќе може да прифати дека ja изгубил оваа војна и тоа беше голема грешка“, рече Зеленски.
Тој потврди и дека Киев на конференција во Швајцарија ќе и го достави на Москва својот мировен план, но тоа не треба да се толкува како преговори.
На новинарско прашање за разговорот со Путин во Париз во 2019 година, Зеленски рече дека тој траел долго и дека тогаш му рекол дека договорите од Минск нема да имаат ефект.
Зеленски објасни дека повлекувањето на војниците ќе значи 20 години замрзнат конфликт.