Утрински Весник
Свет

Зеленски побара дозвола Украина да гаѓа цели подлабоко на руска територија

Zelenski.jpg

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Германија ги повика воените лидери на западните земји да и дозволат на Украина да гаѓа цели длабоко на руска територија.

Состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина се совпаѓа со првата офанзивна операција на украинската армија на руска територија, додека на своја почва се соочува со значителна закана од руските сили во близина на Донбас.

„Треба да ја имаме оваа можност (на напад), не само на поделената територија на Украина, туку и на територијата на Русија, за Русија да биде принудена да бара мир. Треба да ги натераме руските градови, па дури и руските војници да размислуваат за тоа што треба: мир или Путин“, рече Зеленски на Контакт групата во воздухопловната база Рамштајн.

До денес, САД не сакаа да ги ублажат ограничувањата за употребата на ракети со долг дострел што и ги доставуваат на Украина, поради загриженост дека би можеле дополнително да го ескалираат конфликтот.

Сепак, канадскиот министер за одбрана Бил Блер рече дека Зеленски го убедил да го поддржи овој предлог и дека се надева дека и другите западни сојузници ќе застанат зад барањето.

„Една од работите што претседателот Зеленски и неговите министри ни ја кажаа многу јасно е дека трпат напади од воздушни бази и воени објекти лоцирани во Русија“, рече Блер.

„Го поддржуваме нивното барање за дозвола, но сепак тоа е одлука на нашите сојузници“, додаде тој.

Досега, ненадејниот напад на територијата на руската област Курск не го одврати фокусот на рускиот претседател Владимир Путин од заземањето на украинскиот град Покровск, каде што се важни железничките пруги и врските за снабдување на украинската армија. Загубата на Покровск може да ги загрози другите украински градови.

Како што пренесуваат странските агенции, овонеделните големи руски воздушни напади го поттикнаа Зеленски да побара САД дополнително да ги олабават ограничувањата и да и се даде на Украина уште поголема дозвола да напаѓа подлабоко на руска територија.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков