Утрински Весник
Свет

Зеленски без костум кај папата: „Со својата облека сака да ги потсети луѓето дека Украина сè уште е во војна со Русија“

13057830.jpg

Украинскиот претседател присуствуваше на официјалната инаугурација на папата Лав XIV во Ватикан во неделата. Тој беше облечен во црни панталони, темна кошула и црна јакна, облека слична на онаа што ја носеше на погребот на папата Франциско.

Неговата сопруга Олена исто така дојде со него. Облеката на претседателот често е предмет на дискусија на социјалните мрежи. Многумина се прашуваат зошто тој не носи костум, особено во пригоди, како погребот на папата Франциско, каде што протоколот го бара тоа.


Уште во февруари Трамп саркастично даде коментар како украинскиот претседател бил облечен за нивниот состанок во Белата куќа. Тој состанок заврши со жестока вербална размена, а тензиите дополнително се зголемија кога еден новинар се придружи на разговорот коментирајќи го лежерниот изглед на Зеленски.

Тој носеше црни панталони, чизми и црн џемпер со извезен украински трозабец, што го наведе новинарот Брајан Глен да го обвини за непочитување на достоинството на Овалната соба. Сепак, Зеленски не се двоумеше да објасни зошто не се занимава со костуми во екот на руската инвазија на Украина.

Истата логика е и зад неговиот избор на облека за погребот на папата Франциска, како и за инаугурацијата на папата Лав – затоа што претседателот сака да испрати порака со својата облека секојпат кога е на светската сцена.

Со носењето облека што личи на воени униформи тој наводно сака да ги потсети луѓето од целиот свет дека неговата земја сè уште е во војна со Русија.

Одговарајќи му на Глен во февруари, Зеленски рече: „Ќе носам костум кога ќе заврши оваа војна. Можеби нешто како твоето, можеби нешто подобро. Ќе видиме, можеби нешто поевтино“.

Креативниот директор на брендот „Дамирли“, кој стои зад некои од најзначајните комбинации на Зеленски, исто така откри како претседателот комуницира преку својата облека.

Дизајнерката Елвира Гасанова изјави за „Политико“: „Кога светските лидери го гледаат Зеленски во воен стил, тоа е сигнал: ‘Украина е во војна и јас сум дел од оваа борба’“.

„За време на војна претседателот не е само политичар, туку и врховен командант на војската и на цивилите под воена состојба“, рече таа.

„Класичниот костум  би се перцепирал како дистанца од реалноста на бојното поле. Неговата облека му помага да го задржи вниманието на светот врз војната во Украина“.

Украинската модна историчарка Зоја Звињакивска исто така верува дека лидерот, и покрај неговиот полежерен стил во споредба со другите меѓународни лидери, сепак покажува почит преку својата облека.

„Да, тоа не е костум, но е еден вид средно решение. Ако Зеленски ја соблече воената униформа и облече костум, што значи тоа? Тоа значи дека се согласил оти војната е завршена“, заклучи таа.

Можете да прочитате

Вооружени банди убија најмалку 50 луѓе во Нигерија

Иран нема да преговара, ако САД инсистира Техеран да не збогатува ураниум

Кремљ го објави денешниот термин на телефонскиот разговор меѓу Путин и Трамп