
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Во време кога се подготвува нов Закон за здруженија и фондации, се отвора ретка можност да поставиме едно суштинско прашање кое предолго стои на маргините: дали кај нас здружувањето навистина функционира како граѓанско право или, барем во случајот на пензионерските организации, со текот на годините се претворило во навика, во обврска, па дури и во систем без реален избор.
Здруженијата на пензионерите формално постојат како граѓански организации, регистрирани според закон и водени од статути, органи и процедури. Но кога ќе се погледне суштината, се наметнува дилемата: дали тие навистина се организации создадени од слободна волја на пензионерите, или се резултат на еден долгогодишен административно воспоставен модел на членување кој денес веќе ретко кој го преиспитува.
Голем број пензионери никогаш свесно не донеле одлука да станат членови на конкретно здружение. Не потпишале пристапница со јасна намера да се вклучат во граѓанска организација, не учествувале во основачки собранија, не гласале за раководства, не расправале за програми. Наместо тоа, нивното „членство” најчесто започнува во моментот кога, при поднесување на барање за пензија, даваат согласност за задршка од пензијата за солидарен фонд и членарина. Таа согласност, во реалноста, ретко е информирана и слободна одлука. Таа повеќе личи на прифаќање на нешто што се смета за нужно, затоа што „така треба” или затоа што нема алтернатива.
Клучната причина за тоа е солидарниот фонд и посмртната помош. За многу пензионери, тоа е единствената опиплива корист што ја добиваат назад, и сосема разбирливо е што не сакаат да се откажат од неа. Но токму тука се појавува суштинскиот проблем: кога членството во здружение не произлегува од желба за заедничко дејствување, туку од страв да не се изгуби финансиска придобивка, тогаш здружувањето престанува да биде слободен избор. Се поставува прашањето што сè почесто тивко го поставуваат самите пензионери: дали навистина постои избор или системот е таков што практично не дозволува излез?
Дополнителна тежина на проблемот дава фактот што преку Законот за пензиско и инвалидско осигурување, на една приватна организација ѝ се дава можност преку свој акт да уредува правила за распределба на средства, кои потоа ги спроведува државна институција. Така се создава правно и институционално нејасна состојба: здружение кое по дефиниција треба да биде независно граѓанско тело, добива квази-институционална улога, без притоа да подлежи на стандардите на јавна отчетност, транспарентност и вистинска контрола што се очекуваат од институциите. Тоа не им користи ниту на пензионерите, ниту на државата, ниту на идејата за граѓанско општество.
Особено загрижува фактот што законодавецот со Глава X од Законот за пензиско и инвалидско осигурување директно навлегува во внатрешното финансиско уредување на здруженија кои по својата природа треба да бидат граѓански, доброволни и автономни организации. Со тоа, се создава правен преседан во кој државата, наместо да ја штити автономијата на здружувањето, фактички го институционализира постоењето на еден монополски модел на организирање. Таквиот систем со години создаде структура што по својата логика наликува на пирамидална организација: широка база на пасивно членство кое финансира, и тесен врв на раководства кои управуваат со средствата и одлуките, без реален демократски надзор. Најпроблематично е што во пракса не постои јасно определен контролен механизам – не е јасно кој суштински ја надгледува законитоста, наменското трошење и вистинската одговорност во управувањето со овие средства. Во таков амбиент, транспарентноста станува формална, а отчетноста речиси непостоечка.
Во такви околности сосема е легитимно да се постави прашањето: кој навистина ги претставува пензионерите? Дали тие имаат можност да изберат поинаков модел на организирање, да формираат ново здружение, да понудат поинаква визија? Законот формално тоа го дозволува, но практиката покажува дека постојниот систем, со својата организациска затвореност и финансиска зависност, создава средина во која секој обид за ново, независно здружување е речиси невозможен. Така, правото постои на хартија, но не и во реалноста.
Токму затоа дебатата за новиот Закон за здруженија и фондации не смее да се води само на ниво на правно-технички формулации. Таа мора да биде повод за поширока јавна расправа за тоа какви здруженија сакаме да имаме и дали сме подготвени да ја вратиме суштината на доброволноста во најмасовните граѓански организации во државата. Здружувањето има смисла само тогаш кога произлегува од слободна волја. Солидарноста има вредност само кога не е условена. Претставувањето е легитимно само кога членовите навистина имаат глас.
Овој текст не е насочен против пензионерите, ниту против идејата за солидарност. Напротив, тој е повик токму во нивен интерес: да се отвори простор за прашања, за преиспитување, за избор. Ако сакаме здраво граѓанско општество, тогаш токму најголемите и највлијателните здруженија мора да бидат предмет на отворена, аргументирана и чесна јавна расправа. Новиот закон е можност таа расправа конечно да започне.

