Утрински Весник
Македонија

Здравството на стаклени нозе, тендерите во облаци и нула одгворност

Kekenovski.jpg

Пишува: Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Во државата каде пто здравствените установи кубурат со кадар, апаратура и мотивација, бројките покажуваат страшна парадоксална состојба. Тендерите растат, а здравствените услуги опаѓаат. За десет години, вредноста на јавните набавки во здравството скокнала од 126 на фантастични 315 милиони евра. Но, наместо граѓаните да добијат поквалитетно лекување, побрз пристап и посовремени услови, добиваме полни ходници, мизерни услови и се подебели фактури на добавувачите на лекарства, немање доволно лекови, чекање на преглед или на снимања со денови и така натаму.


Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации јасно укажува на голем системски парадокс. ,,Во последниве десет години бројот на болнички случаи е намален за 14%, бројот на болнички денови за 24%, а бројот на специјалистички прегледи во 55-те клиники и болници е намален за 19%.’’ Тоа значи дека имаме падови насекаде, а од друга страна имаме за два и пол пати зголемување на вредноста на набавките. Со други зборови плаќаме повеќе, а имаме помалку пациенти и постојан недостиг на лекарства и се полоши услуги.

Но вистинската болест на системот не е само во бројките, туку во неконкурентноста и концентрацијата на моќта. Лани, на повеќе од 3.300 тендери во здравството се пријавила само една фирма. Една! Тоа не е пазар, тоа е монопол во институционална форма. А кога нема конкуренција, нема ниту мотив за пониски цени, ниту стимул за подобар квалитет. Така, здравството ни се претвора во „златна кокошка“ за мал број избрани добавувачи, додека пациентите ја плаќаат цената и буквално, и метафорички.

Фармацевтската моќ е богатство без граници и одговорност без трага

Зад овие бројки стои една невидлива, но моќна структура, фармацевтските куќи. Неколку компании, често поврзани со политички и бизнис-елити, веќе со години го делат здравствениот колач меѓусебно. Резултатот? Енормно богатење на мал број фирми и хронична сиромаштија на јавниот здравствен систем.

Овие фирми продаваат лекови со цени што, и покрај државната контрола, често се повисоки од оние во регионот. Во некои случаи, тендерските услови се напишани така што само „една“ фирма може да ги исполни. Конкуренцијата станува илузија, а договорите формалност.

Најтрагично е што никогаш никој не одговара. Ниту министер, ниту директор, ниту сопственик на фирма која профитирала од ваквиот систем. Сите се повикуваат на „законски процедури“, иако токму тие процедури често се дизајнирани да остават простор за злоупотреба. И кога јавноста бара одговорност, одговорот е ист, тишина, техничка влада или нова тендерска постапка. Оваа состојба создава чувство на колективен цинизам: граѓаните губат доверба во здравството, лекарите губат волја, а чесните фирми интерес.

Што може и што мора да се направи?

Очигледно ако вака продолжат работите нема да направиме ништо. Сè што ќе наведам како идеја е веќе толку познато и по којзнае кој пат изиграно од страна на учесниците во тендерите. Времето покажа дека не помагаат ниту заложбите за транспарентност и дигитален надзор, ниту разните механизми за ревизија на постапките каде се јавува само една или две фирми, ниту финансиската ревизија на фармацевтските договори. Сè додека зад тендерите стојат „фантомски“ компании со непознати сопственици, нема вистинска контрола, ниту јавна одговорност. Едно е јасно без сериозна кривична одговорност нема промена во овој сегмент на општеството.

Не смееме да заборавиме дека и тн ,,фармацевтската мафија’’ е исто толку зло и опасност за државата како и судско-обвинителската. Двете се делови од истата коруптивна спирала што ја разјадува државата одвнатре, ја уништува довербата на граѓаните и ја претвора правдата и здравјето во трговска стока. Затоа, борбата против овие зла мора да биде сериозна, институционална и бескомпромисна. Без расчистување на симбиоза на интереси и одговорност за стореното зло, нема да има ниту здраво здравство, ниту здрава и правна држава.

Кога фармацевтските куќи стануваат побогати од болниците, а државните институции стануваат неми сведоци, тоа не е успех на пазарот, тоа е пораз на државата. Без вистинска одговорност и сериозни санкции, секој нов тендер е само нова шанса за старата боспоставена корупција. Се додека здравството стои на стаклени нозе, сè додека тендерите се креваат во облаци, а одговорноста испарува – ние граѓаните, ќе продолжиме да се лекуваме со скапи лекови и евтини изговори.

Затоа, време е граѓаните, лекарите и сите што веруваат во чесноста на професијата да станат вистински чувари на јавното здравје.

Здравството не е бизнис-плен, туку темел на човечкото достоинство. Ако дозволиме тендерите да ја заменат совеста, тогаш нема да ни помогнат ниту нови болници, ниту нови апарати. Борбата за здравството е борба за државата и мора да почне сега и веднаш.

12/11/2025 Проф. д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ

Можете да прочитате

Седум продолжени викенди во 2026 година – Ова се сите неработни денови

Сиљановска-Давкова: Имаме обврска природата да ја третираме како партнер, штитејќи ја неа, се штитиме себеси

Душан Томишиќ избран за нов претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација