
Ако сакате да го ограничите внесот на шеќер, а сепак не сакате целосно да се откажете од благите задоволства, овие здрави мафини се одлично решение. Подготвени без класично брашно и без рафиниран шеќер, тие ја добиваат природната сладост од овошјето и зачините, што ги прави погодни и за секојдневна ужинка. Потребни состојки: 2 јајца 150 г мелени овесни снегулки 1 зрела банана 1 морков ½ јаболко 30 г ореви 30 г суво грозје 1 лажица екстракт од ванила 60 мл масло 1 лажица прашок за пециво ½ лажица сода бикарбона ½ лажица цимет прстофат мелен ѓумбир прстофат сол 1 лажица мед овесни снегулки за посипување
Начин на подготовка:
Во длабок сад изматете ги јајцата, па додадете ја испасираната банана, медот и ванилата. По желба, можете да додадете и малку свежо исцеден сок од портокал за дополнителна арома. Потоа во смесата додајте сол, прашок за пециво, сода бикарбона и зачините. Следува маслото, ситно ренданиот морков и јаболкото. Мешајте додека смесата не стане хомогена. Постепено додавајте ги мелените овесни снегулки со постојано мешање. Сувото грозје кратко натопете го во вода за да омекне, па додадете го во смесата заедно со ситно сечканите ореви. Смесата распределете ја во калапи за мафини или истурете ја во еден поголем калап доколку сакате да добиете колач. Одозгора посипете неколку овесни снегулки. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 до 30 минути, сè додека мафините не добијат убава златна боја и не бидат цврсти на допир.

