Утрински Весник
Македонија

Збирката „Рајсфершулс“ на Јулијана Величковска добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

20250823144829 big 730x400 54.webp.webp
Dik 300x250 mk

Збирката „Рајсфершулс“ од Јулијана Величковска во издание на ПНВ Публикации е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик. Одлуката денеска на пре-конференција ја соопшти претседателот на петчлената жири-комисија, Санде Стојчевски.

Величковска, како што стои во образложението на жирито, во книгата се изразила преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизирала прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите.


-Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов „Рајсфершлус“, истакна Стојчевски.

Тоа, нагласи, се специфичности и квалитети на првиот дел од книгата. Во вториот циклус, според жири-комисијата, нанесува уште еден семантички слој, главно со дијахрониски исход, зумирајќи врз природата и врз настаните поврзани со историските хероини што нејзе ѝ прават впечаток, но раздиплувајќи го текстот и на тој начин досипувајќи знаци, податоци и симболи од нашата современа цивилизација, поистоветувајќи го лирскиот субјект со дамнешните личности и судбини.

– Оваа книга на Величковска се издвојува како многу ферментирана поетика, резултат на долготрајна творечка посветеност на ваквата конечна целина. Се издвојува и според авторската храброст – како на планот на формата во којашто хаотичното добива совршен ред, така и на тематско-мотивски план, во интертекстуалните врски со книжевната и со културната/општочовечка историја, посочува Стојчевски.

Величковска наградата им ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловси.

– Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети.

Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите и дека не се доживуваме едни со други како конкуренција туку како заедница и пријатели, рече Величковска.

Во најтесен избор, според жири-комисијата, влегоа Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025).

Можете да прочитате

Руте: Агресијата на Путин не успева, поддршката за Украина дава резултати

Галетановски поднел оставка од функцијата шеф на Градска организација на СДСМ

Мицкоски очекува околу 130.000 гласа за Орце Ѓорѓиевски во вториот круг