Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска се сретна со земјоделците производители на тутун во Кривогаштани. На средбата беше заклучено дека е постигнат заеднички успех, откупено е целото производство од реколтата 2023 и тоа по рекордно висока цена од 365 денари по килограм.
„Сакам да ви се заблагодарам на вас тутунарите, кои со својата обединетост, заедно со нашата упорност како министерство, се изборивме да имаме рекорна откупна цена од 365 денари по килограм за целокупната количина предаден тутун. Ова е резултат на нашта успешна соработка, која ќе продолжи и во наредните години. Годинешниот откуп го завршуваме со откупени 14.763 тони тутун. Ова потврдува дека уште при креирањето на мерките, заедно со вас тутунарите, до најмала децимала го знаевме производството и успешно креиравме мерки за развој на тутунопроизводството. Уште во ноември минатата година, навремено ги започнавме разговорите со сите откупувачи на тутун потенцирајќи дека од нив очекуваме фер откупна цена, која ја почитува вашата мака” рече министерот Николовски на средбата со производителите на тутун.