
Кумановци да дадат глас и да ги поддржат проектите со кои Куманово продолжува да се менува, повикаа на завршниот митинг вечерва во НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски и носителката на советничката листа на Куманово Ивана Ѓорѓиевска од Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија.
Димитриевски рече дека се подготвени за победа во недела. Во говорот се задржа на средбите со различни категории кумановци кои понудиле нови идеи, како што рече, дел го критикувале, слушнале различни приказни, пофалби. Програмата, рече тој, е создадена од граѓаните за граѓаните, укажувајќи дека неговата мисија е да најде решение за заедничките проблеми.
Градот, кажа Димитриевски, има секогаш потреби, но работата на градоначалникот е да ги има проблемите се помалку и помалку. Тој посочи дека изминативе години се реализирани 800 проекти, дека Куманово почнува да се развива со зоната во која инвестира германската „Лидл“, но и бројни компании од странство и од земјава.
-Никој повеќе никогаш нема да дозволам да ни каже дека ние сме пропаднат град и пропадната економија, туку сме град којшто отвора нови перспективи во Куманово, не само во индустриските зони денес никнуваат и нови фабрики од типот на „Дрекслермаер“, воведен е бесплатен превоз. Ќе ја раздвижиме економијата, ќе ја вративме гордоста на Куманово, истакна Димитриевски.
Тој кажа дека промената не се гледа само по улиците, парковите, насмевките на граѓаните, најави проекти со кои ќе се задржат младите во Куманово.
– Секој пат кога некој се обидуваше да не сопре, ние добивавме нов мотив, нов поттик и продолжуваме заедно напред. Тие не газеа, а и толчеа, а ние со упорност продолжуваме заедно напред и победувавме, кажа Димитриевски.
Кандидатот на ЗНАМ нагласи дека „Куманово заслужува и нови алтернативи, нови подвизи, народот копнее по нови резултати“.
Најави изградба на плоштад и административна зграда за општината кај „Чоробенско Ќоше“, враќање на сјајот на „Пионерски дом“, три градинки, подземна и надземна инфраструктура, бесплатен превоз за сите.
Тој кажа дека од најзадолжена општина, Куманово сега е град со визија. Зборувајќи за урбанизам, рече дека нема да се градат згради како во минатото, туку плански и со обезбеден паркинг.
Димитриевски посочи дека се реконструрани 16 училишта и најави дореконструкција на останатите. Кажа дека со сегашната Влада има одлична соработка во реализација на проектите.
– По примерот и на спортската сала, но и на Соколана, и тука ќе имаме една успешна приказна, следува целосна реконструкција, нашите булевари и примарните улици во градот добро уредени површини и пешачка зона за пешаците во Куманово. Најстарите точки во градот, градската џамија, старата црква „Свети Никола“ и новата црква којашто е зад нас, треба да бидат модерни урбани скверови, модерни шеталишта изградени со вистински материјал којшто не само ќе потсетува на стариот амбиент на Куманово, рече Димитриевски.
Повика кумановци да го поддржат и него и советничката листа „за градот да продолжи да се менува“.
Носителката на листата на советници Ивана Ѓорѓиевска кажа дека изминативе недели имала искрени разговори со кумановци, најави дека Куманово ќе продолжи да се менува.
– Верувајте ми, секој збор што го слушнавме станува наша обврска, Куманово продолжува да се менува и тоа не е само ветување, тоа е факт, кажа Ѓорѓиевска.
Додаде дека во изминатите години како претседателка на Совет биле во функција на потребите на кумановци и дека со нејзините колеги не ветувале празни зборови туку реализирале дела.
– Куманово да биде град по мерка на човекот, рече Ѓорѓиевска која ја предводи листата на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија во Куманово.
Најави повеќе проекти од различни сфери – инфраструктура, образование, социјала, укажувајќи дека „Куманово не е место и начин на живеење, тој е срце што чука“. Ѓорѓиевска побара поддршка за кандидатот за градоначалник и за листата која ја предводи.