Затворот „Идризово“ бара командирите на смена и чуварите од затворската полиција да добијат обезбедување додека се дома оти постојано добиваат закани, а во последниве три месеци во подметнати пожари изгореа шест нивни автомобили. Директорот на затворот Зоран Јовановски за „Макфакс“ вели дека веќе разговарале со претставници од Министерството за внатрешни работи за продлабочување на соработката.
„Побаравме обезбедување и ја разгледуваме можноста командирите да добијат обезбедување додека се дома. Закани добиваат постојано и за нив тоа и не е толку страшно оти знаат каде работат, во затворот меѓудругото беше прогласена кризна состојба, но тешко и стресно е за семејствата. Ова го бараме за да ги заштитиме токму семејствата. Сите пожари на автомобиле беа дома кај вработените затоа бараме сите што добиваат закани, што се на изложените места во затворот, да добијат обезбедување дома“, вели директорот Јовановски.
Иако немаат доволно вработени, Јовановски вели дека се подготвени да учествуваат и да го делат обезбедувањето на домовите на вработените со полицијата.
Тој потврди дека во последниот пожар, пред два дена, вторпат изгоре автомобил на нивен командир.
Во пожар почнаа да горат автомобили на вработени во затворот во средината на април, годинава. Тогаш изгоре и службениот пасат на заменик-директорот на затворот, Феми Јонузи, кој си заминал дома со службеното возило.
Министерството за внатрешни работи во соработка со Обвинителството се уште ги истражува сите шест случаи на опожарени возила.
„Во изминатиот период во СВР Скопје евидентирани се шест пријави за опожарени возила на лица кои работат во Затворската полиција, конкретно во КПУ ‘Затвор Идризово’. За сите случаи преземени се сите неопходни мерки и активности во координација со јавен обвинител и по негови насоки се преземаат дополнителни мерки и активности за нивно целосно расчистување“, велат од МВР.
За барањето за обезбедување на домовите на изложените затворски полицајци, дополнително ќе известат. Од 8 јуни, кога беше прогласена кризна состојба во затворот „Идризово“ поради спречување на безбедносни закани, за одржување на редот во затворот на затворската полиција и помагаат полицајци од Министерството за внатрешни работи и војници од Армијата. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела се пофали дека откако тие заедно со Армијата помагаат во „Идризово“, драстично се намалил бројот на разбојништва и на кражби и на територијата на општина Гази Баба, но и на територијата на градот Скопје, што им укажало дека се регулираат и бегствата од затворот.