За последните два дена од февруари се закажани првите рочишта за „Таргет – Тврдина“ за масовното прислушување, каде што првообвинет е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Ова значи дека повтореното судење во Кривичниот суд ќе почне по два месеца откако Апелација објави дека ќе ја укине пресудата и еден месец откако апелациските судии ја напишаа одлуката. Ваква динамика утврдил судијата Илија Трпков иако е запознаен дека делата на Мијалков е можно да застарат, а тој да не одговара за прислушувањето.
Од Кривичниот суд за „Макфакс“ велат дека судењата се закажани во согласност со агендата на судијата Трпков, кој суди и други предмети.
„Тие се два термина. Понатаму ќе биде утврдена динамиката и ќе се закажат термините во март“, велат од Кривичниот суд.
За делата на Мијалков и другите обвинети да не застарат, правниците сметаат дека е важен секој ден. Предметот е обемен, а пред пресудата да биде укината процесот од првото судење до одлуката на Апелација траеше пет години. Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.
Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување, кое е на пат да остане неказнето.
Претходно, Кривичниот суд донесе осудителна пресуда, а Апелација ја укина. Образложението зошто предметот треба да се суди одново е дадено на седум страници. Меѓу другото, главната забелешка била што во првостепената пресуда немало опис на кривичните дела за кои Мијалков и другите се прогласени за виновни. Апелација бара и да се утврди колку лица биле прислушувани, преку кои уреди и во кој период.
Апелациските судии Јани Нича, Енвер Беџети, Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева го држеа предметот една година и 10 месеци. Доколку не го вратеа предметот на повторно судење, а со преотворање на главната расправа и повторен главен претрес, можеа да пресечат дали обвинетите се виновни или не. А потоа ќе се произнесеше Врховниот суд.
Во Кривичниот суд предметот сега ќе го води Илија Трпков по повлекувањето на судијата Владимир Туфегџиќ од судиската функција, кој ѝ се врати на адвокатурата.