
Во рамки на обемна акција против трговијата со дрога во Истанбул, турската полиција запленила 2,76 милиони наркотични таблети и 314 килограми различни наркотични супстанции, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на социјалната мрежа Икс. За време на операцијата, приведени се две лица осомничени за дистрибуција на наркотици.
Министерот информираше и дека во посебна полициска акција, спроведена во Истанбул, Текирдаг, Коџаели, Сакарја и Хатај, уапсени се седум лица поврзани со меѓународна истрага. Станува збор за случај поврзан со неодамнешната операција на шпанската полиција, во која беше пресретнат брод со 10 тони кокаин. Во шпанската акција, како што беше соопштено, уапсени се 13 членови на екипажот, меѓу кои четворица државјани на Турција, еден од Србија, еден од Унгарија и седум од Индија.


