
Ноќеска околу 3 часот по полноќ бил запален автомобилот на Ѓорги Галетановски – Чомбе, претседател на скопската организација на СДСМ и поранешен директор на Зоолошката градина во Скопје.
Галетановски за „Слободен печат“ го потврди настанот, посочувајќи дека возилото било паркирано пред зградата во која живее во скопската населба Кисела Вода.
„Автомобилот е пепел. Ми се јави брат ми, вели – ти гори автомобилот, се слушаат експлозии, гумите пукаат. Се симнав долу, веќе беше пристигната противпожарна екипа, а лицето што го направило ова е видено како бега, слаб, висок, со дуксер. Позната е траекторијата на движење на лицето. Ниту сум скаран со некого ниту пак некој ми се заканувал. Апелирам до МВР и министерот што побрзо да го фатат сторителот. Не ми е за материјалната штета, туку за животот во Кисела Вода, не сакам младите да живеат со вакви проблеми во населбата каде сакам да има мирен живот и во Скопје да не се случуваат вакви работи,“ изјави Галетановски.
Противпожарната екипа веднаш интервенирала и го изгаснала огнот, додека полицијата извршила увид и работи на расветлување на случајот.