Кремљ денеска соопшти дека безбедносните гаранции што Западот ги разгледува за Украина може да бидат опасна грешка што ќе ја загрози безбедноста на Русија и ќе ја изложи Европа на поголеми ризици во годините што доаѓаат.
Земјите од Г7 се очекува во среда да објават меѓународна рамка која ќе го отвори патот за долгорочни безбедносни гаранции за Украина, што ќе и’ овозможи на земјата да ја зајакне својата одбрана од Русија и да одбие каква било идна агресија, изјавија официјални лица.
Москва вели дека зајакнувањето на сопствената безбедност во светло на континуираното проширување на НАТО и непријателското вооружување и зајакнување на украинските вооружени сили биле главните причини поради кои Русија започнала т.н. „специјална воена операција“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека безбедносните гаранции понудени на Киев се грешка што Москва ќе мора да ја земе предвид при донесувањето на идните одлуки.
„Ние веруваме дека овој потег е многу погрешен и потенцијално многу опасен“, изјави Песков за новинарите.
„Со нудење какви било безбедносни гаранции за Украина, тие земји го игнорираат меѓународниот принцип на неделива безбедност. Доколку и дадат гаранции на Украина, тие ќе ја поткопаат безбедноста на Руската Федерација“, рече тој.
„Беше невозможно Русија да толерира нешто што би ја загрозило нејзината безбедност“, додаде Песков, велејќи дека се надева оти политичарите на Запад ќе разберат дека постојат ризици поврзани со давање такви гаранции на Украина.
Ваквиот потег е „полн со многу негативни последици на среден и долг рок, па дури и на краток рок“, рече Песков.
„Со ваквата одлука тие земји ќе ја направат Европа многу поопасна во наредните години. И секако, ќе ни направат лоша услуга, што ќе ја земеме предвид и ќе ја имаме на ум во иднина“, рече тој.