Утрински Весник
Свет

Западни медиуми за падот на Владата во Франција

20241205091140 Big 730x400 31.webp.webp

Западните изданија денеска го коментираат падот на француската влада, откако вчера пратениците од опозицијата изгласаа недоверба и ја соборија од власт по само три месеци на власт.

Француските пратеници гласаа за недоверба на премиерот Мишел Барние и неговиот кабинет, што предизвика нови политички превирања што ја оставаат Франција без јасен пат за усвојување на нов буџет и се заканува дополнително да ги разниша финансиските пазари, објави Њујорк Тајмс.  Барние е најочигледната жртва на поларизираната политика во Франција, коментира изданието.

Едно беше јасно пред гласањето за недоверба: ризикува да се ослободи нов бран на катастрофа во една од водечките европски економии, пишува весникот. Постои опасност тоа да доведе до „нов период на нестабилност“, велат за весникопт од Унијата на мали и средни претпријатија, што го претставува мнозинството француски компании.

„Ако Франција остане без буџет, тоа ќе ја отвори вратата за должничка криза, чии последици сериозно ќе се одразат на економијата“, додаваат од организацијата.

Вчерашното гласање покажува како втората по големина економија во еврозоната ризикува да стане неуправувана, пишува Волстрит џуртнал, додавајќи дека растечката фрагментација и поларизација на политичките редови на Франција ги тестираат темелите на нејзината демократија. Изданието потсетува и на последниот пат кога владата во Франција беше соборена на овој начин – во 1962 година, кога земјата мораше да се справи со последиците од Алжирската војна за независност и атентатот на тогашниот претседател Шарл де Гол.

„Европа повторно е на работ на финансискиот Армагедон“ – пишува во насловот на британскиот весник „Телеграф“.

Изданието наведува дека според многу извори блиски до шефот на државата, тој мора да го назначи својот шести премиер во последните седум години најдоцна до овој викенд, со оглед на свеченото отворање на катедралата Нотр Дам во недела навечер, на која ќе присуствуваат од над 50 лидери од целиот свет.

„Би било крајно срамно и разобличувачко за Франција да нема премиер за време на толку важен дипломатски викенд“, изјави еден од изворите за британското издание.

Како се радуваа кога во Велика Британија настана хаос по гласањето за Брегзит, коментира Џереми Ворнер од „Телеграф“. „Сега работите се свртеа и повторно еврозоната, а особено Франција, е на ќорсокак. Велика Британија, напротив, изгледа како остров на стабилност и релативно здрав разум“, смета и новинарот.

Францускиот весник „Монд“ истакнува дека ситуацијата на пазарите сега е тензична, а Франција се подготвува за штрајкови во јавниот сектор поради заканата од кратења што ќе доведат до затворање на училишта и ќе се одразат на воздушниот и железничкиот транспорт.

Франција е втурната во длабока политичка криза, коментира германскиот магазин „Шпигел“.

Формирањето влада веројатно повторно ќе биде тешко, додава неделникот и прецизира дека алтернативата на Макрон е да назначи експертска влада која ќе ја преземе функцијата без политичка програма.

Магазинот се осврнува на ситуацијата во Германија, каде што владејачката коалиција исто така пропадна поради проблем со нацрт-буџетот за следната година. Другата можност што ја дозволува „Шпигел“ е преку вонредна легислатива да предложи буџет само за почетокот на годината. Новата влада потоа ќе треба да се обиде да протурка редовен буџет низ парламентот, но бидејќи парламентот е многу фрагментиран, тоа веројатно ќе биде и многу тешко. Тогаш следното гласање за недоверба ќе биде неизбежно, пишува германскиот магазин.

Европското издание „Политико“ пишува дека растечката политичка и економска криза во Франција ризикува да предизвика ударни бранови низ еврозоната.

Политичкиот пресврт тешко би можел да дојде во понесоодветно време за Европа, на која и е очајна потреба од лидерство за да се справи со различни предизвици, од враќањето на Доналд Трамп до конфликтот во Украина и потенцијалната трговска војна со Кина, пишува Политико. Медиумот додава дека Германија, другата половина од моторот што го придвижува континентот, е недоволно опремена да го заземе возачкото место бидејќи се бори со сопствените политички проблеми и со нестабилната економија.

Можете да прочитате

Ужас: Таткото и маќеата брутално ја убиле малата Сара – На телото пронајдени 70 повреди

Паднаа Фејсбук, Инстаграм и Ватсап – Корисниците ширум светот пријавуваат проблеми

Македонски државјани со оружје се заканувале на Романци во Велс – полицијата ги уапси