
Министерот за правда, Игор Филков, денес пред надлежните комисиии го образложи Предлог-законот за Советот на јавни обвинители кој е еден од клучните закони во рамки на реформите на правосудниот систем, насочен кон зајакнување на владеењето на правото и унапредување на функционирањето на јавното обвинителство.
„Овој закон е дел од поширок реформски пакет кој има за цел да одговори на утврдените слабости и да обезбеди усогласување со европските стандарди и препораки”, нагласи министерот Филков.
Тој информираше дека подготовката на Предлог-законот започнала во ноември 2024 година во Министерството за правда, преку инклузивен процес со учество на експерти, обвинители, универзитетски професори, претставници од граѓанскиот сектор и членови на Советот на јавните обвинители.
Процесот се одвиваше транспарентно, со активно учество и поддршка од меѓународни партнери, вклучително и Европска Унија, ОБСЕ и Амбасадата на Соединетите Американски Држави.
Предлог-законот се темели на сеопфатна анализа и ги зема предвид клучните стратешки документи, вклучително и Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, реформската агенда, препораките на ГРЕКО, Патоказот за владеење на правото и извештаите на Европска комисија.
Предлог-законот беше доставен на мислење до Венецијанска комисија, која усвои позитивно мислење со препораки што се целосно инкорпорирани во текстот.
Клучни новини се :
- унапредување на постапката за избор на членови на Советот со јасни и транспарентни критериуми,
- воведување на целосно образложени одлуки,
- доследна примена на мерит-системот,
- зголемена транспарентност преку јавни седници и објавување на одлуки,
- двостепеност во дисциплинските постапки со обезбедена судска заштита,
- зајакнување на улогата на Советот во изборот и разрешувањето на Јавниот обвинител.
Министерот за правда игор Филков потенцира дека со донесувањето на овој закон ќе се зајакне довербата на граѓаните во правосудниот систем, ќе се намали можноста за арбитрарност и ќе се обезбеди поголема институционална стабилност и професионалност.
„Ова е важен чекор во процесот на европска интеграција на државата и исполнување на реформските обврски во областа на владеењето на правото”, истакна министерот за правда , Игор Филков.


