Утрински Весник
Балкан

Законот за „родова еднаквост“ во Албанија ќе стапи во сила без потпис на Бегај

Zname albanija.jpg

Законот за родова еднаквост, кој во Албанија предизвика силни судири меѓу политичките партии, но наиде и на отпор од граѓаните, верските заедници и дел од невладиниот сектор, ќе стапи во сила без потпис на претседателот Бајрам Бегај.

– Уставниот рок од 20 дена за шефот на државата да го потпише законот одобрен во Собранието само со гласовите на социјалистите истече, што предизвика законот за родова еднаквост да помине молчешкум, објави Топ чанел.

По усвојувањето од страна на Собранието, група граѓани и активисти побараа од претседателот Бегај да не го потпишува законот за родова еднаквост.

Такво барање до канцеларијата на Бегај испрати и опозицијата, преку писмо потпишано од 12 пратенички, кои го сметаат законот за неуставен и кршење на човековите права, со главна цел уништување на семејството.

„На законот се спротивставија верските заедници и здружението ’За семејство‘, додека меѓународните претставништва во Тирана и дел на организации на граѓанското општество ја поздравија иницијативата на албанската влада“, наведува телевизијата.

Законот беше усвоен на маратонска седница на 6 ноември со 77 гласови „за“ од мнозинството, додека 36 пратеници од опозицијата гласаа против.

„Додека за опозицијата овој закон го уништува семејството, владејачкото мнозинство, што го предложи и усвои, оцени дека законот е со највисоки стандарди, гарантира еднаквост меѓу мажите и жените и забранува дискриминација врз основа на пол, во социјалната, политичката или економската област. Значи, ги отстранува сите разлики, исклучоци, ограничувања и непризнавање на правата на одреден пол врз основа на пол“, додава Топ чанел.

Во наредните денови се очекува законот за родова еднаквост да биде објавен во службен весник и да стапи во сила 15 дена подоцна за да почне неговата примена во пракса.

Можете да прочитате

Шекеринска: НАТО внимателно го следи руското хибридно мешање во БиХ и на Балканот

Правен хаос на Аеродромот Сараево: Управата на претпријатието остана без раководство

Трочлено семејство пронајдено мртво во куќа во Чачак