
Миа Костова на својот профил на Facebook објави вознемирувачко сведоштво, во кое тврди дека поради нејзини ставови и јавно искажано мислење била мета на закани, а пред извесно време и нејзиниот автомобил бил запален. Според неа, институциите не презеле никакви конкретни мерки.
Костова опишува дека повеќепати пријавувала закани и навреди од непознати и познати лица, но без резултат. Таа се навраќа на случајот со пожарот на нејзиното возило и тврди дека полицијата наместо да бара одговорност од сторителите, ја испрашувала неа:
„Со бебе во рака ме вадеа на страна и ми викаа ‘ајде признај си каде должиш, што си направила?’. Половина кола гори, а тие сакаа мене да ме обвинат,“ напиша Костова.
Според неа, случајот завршил со службена констатација дека можеби се работело за „грешна кола“ или „пироман“, без понатамошна истрага.
Костова се осврнува и на насилство врз жени, наведувајќи дека околината знаела за насилни однесувања на лица од „градскиот круг“, но тоа било игнорирано. „Малце тепал жени… малце луд. Малце повеќе пријави – и толку,“ цитира таа коментари од јавноста.
Во статусот, Костова повикува на промени во законите со цел поголема заштита на жртвите и поостри мерки против насилници и заканувачи. Дел од нејзината порака содржи и екстремни предлози за казни, кои, како што пишува, се израз на длабоко разочарување од неефикасноста на институциите.
До објавувањето на текстот, нема официјален став од надлежните органи во врска со случајот што го опиша Костова.