Утрински Весник
Свет

Закана од ирански пратеник: Можеме да ги ракетираме Њујорк, Вашингтон, цела Европа

20250822115851 big 730x400 80.webp.webp

Иранските ракети се способни да го погодат самото срце на Европа и на крајот би можеле да ги таргетираат американските градови од морето, се закани ирански пратеник. Изјавата доаѓа во време на зголемени тензии и можност за повторно воведување санкции на ОН против Техеран, објави „Иран Интернешнал“.

Амир Хајат-Мокадам, член на парламентарниот Комитет за национална безбедност и надворешна политика, изнесе голем број тврдења за воените капацитети на неговата земја во интервју за порталот „Дидбан Иран“. „Можеби нашата следна ракета ќе го погоди Вашингтон директно. Можеме да ја таргетираме Америка од морето. Воздухопловните сили на ИРГЦ работат веќе 20 години за да овозможат напад врз Америка од ирански бродови. Дури и ако сè уште не сме ја постигнале оваа технологија, таа е во наш дофат“, рече тој.


Тој објасни дека иранските бродови би можеле да се приближат на 2.000 километри од американскиот брег и да лансираат ракети оттаму кон градови како Вашингтон и Њујорк, и покрај фактот дека САД се оддалечени 10.000 километри од Иран.

-Дури и сега, сите европски земји се во наш дострел. Со нашите постоечки ракети, можеме да ги погодиме Франција, Германија, Обединетото Кралство и цела Западна и Источна Европа, додаде Хајат-Мокадам.

Заканите доаѓаат во време кога Франција, Обединетото Кралство и Германија размислуваат за повторно воведување санкции на ОН врз Иран преку таканаречен механизам „снепбек“. Европските претставници го предупредија Техеран дека ова може да се случи оваа есен ако не соработува целосно со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Сепак, Хајат-Мокадам го намали значењето на ваквите мерки. „Сите можни санкции веќе се воведени врз нашата земја. Едностраните и мултилатералните санкции на САД и Европа се веќе на својот врв. Затоа, активирањето на механизмот „снепбек“ нема да донесе никакви нови негативни последици за иранската економија и е само политички потег“, рече тој, потсетувајќи дека Иран трпи санкции од 2018 година, кога тогашниот (и сегашниот) претседател на САД, Доналд Трамп, се повлече од нуклеарниот договор.

Можете да прочитате

Кремљ започна нова пропагандна кампања низ Европа, лиферува налепници „Русија не е мој непријател“

Трамп ќе патролира со Националната гарда по улиците на Вашингтон: Сега сите се безбедни

Ким Џонг-ун одржа церемонија во чест на загинатите војници кои се бореа за Русија против Укрина