Утрински Весник
Македонија

Загинатиот работник бил надзорник, „Лимак“ тврди дека користел машина за која не бил обучен и не била негова задача

Загинатиот работник бил надзорник, „Лимак“ тврди дека користел машина за која не бил обучен и не била негова задача

Градежникот кој загина на градилиштето на „Лимак“ во центарот на Скопје ги прекршил интерните правила за безбедност, бил надзорник но во моментот кога настрада извршувал обврски кои не му биле во опис на работното место, користел машина за која не бил обучен, заедно со машината паднал и ги добил смртоносните повреди. Од „Лимак“ велат дека загубата на колегата силно ги потресла и оти до несреќниот случај дошло и покрај сите активности кои ги преземаат за безбедност и здравје при работа.

dobivaj vesti na viber

„Истрагата за причините за несреќата покажа дека вработениот кој беше надзорник – бригадир и чија задача е да ги координира активностите на 10-20 работници, за жал постапил спротивно на безбедносните процедури. Имено, работниците редовно вршат средување на локацијата на која работат, за што според безбедносните инструкции се користи скеле. Иако според описот на работните обврски надзорникот – бригадир не треба да ја извршува оваа активност, туку треба да ја координира групата, вработениот започнал со активноста, а наместо скеле одлучил да користи машина за подигнување. Поради својата тежина машината за подигнување ја пробила дрвената подлога и паднала заедно со вработениот, како резултат на што тој се здоби со фатални повреди. Користењето на оваа машина не е во описот на работните задачи на надзорник – бригадир и тој не бил обучен да ја користи“, велат од компанијата „Лимак“.

Нагласуваат дека вработениот имал лична заштитна опрема, предвидена со интерните правилници на компанијата и со Законот за безбедност и здравје при работа. Од „Лимак“ уверуваат дека сите работници задолжително носат соодветна опрема, а активностите се одвиваат согласно највисоките стандарди и процедури за безбедност при работа. Како голема и реномирана компанија тврдат дека имаат свои воспоставени практики во градежните операции, а за да спречат вакви настани најавуваат дека  дополнително ќе ја зајакнат контролата.

Компанијата извести дека соработува со сите надлежни институции и ќе постапи по нивните препораки.

Деталното објаснување на несреќата „Лимак“ го испрати на „Макфакс“ по објавената изјава на директорката на Државниот инспекторат за труд, Весна Томовска, која денес рече дека е утврдена одговорност кај работодавачот кој најверојатно не ги обезбедил потребните мерки за заштита на работа, но за целосен извештај за направениот надзор чекаат да се преведат од трски изјавите на очевидците.

Турската компанија „Лимак“, која се преставува како една од најголемите градежни компании во светот, гради подземна сообраќајница и деловно- трговски комплекс со четири дваесетканици кај Старата железничка станица во Скопје.

Загинатиот работник не е прв инцидент на ова градилиште. Градежник и претходно беше повреден, а пред две години во голема полициска контрола на градилиштето беа откриени 97 странски државјани кои немаат регулиран престој и работат непријавени.

Можете да прочитате

Утре Ден на жалост на територијата на Општина Охрид по повод смртта на владиката Тимотеј

Кос: Македонија да го промени Уставот и потоа навистина да го забрзаме процесот

Министерот Таравари по вчерашниот колапс се одмара дома