
Голем пожар го зафати трговскиот центар во центарот на Карачи, најголемиот град во Пакистан, при што животот го загубија шест лица, а 11 се повредени, пренесува „Ројтерс“. Огнот избувнал во саботата навечер во објектот „Гул Плаза“ и брзо се проширил од приземјето кон горните катови, зафаќајќи речиси целата зграда. Противпожарните екипи интервенирале во текот на ноќта за да го сопрат ширењето на огнот, додека стотици луѓе, вклучително и сопственици на уништени продавници, се собрале околу објектот.
Од цивилната болница во Карачи соопштија дека се примени шест тела и 11 повредени лица, а полицијата активирала протоколи за масовни катастрофи. Локалните медиуми јавуваат дека делови од зградата почнале да се уриваат, со опасност од целосно рушење на конструкцијата.

