Утрински Весник
Магазин

Задушница или Духовден? Кои обичаи не треба да ги правите

Sveki.webp.webp

За жал во нашата македонска фолклорна квази-религија доаѓа до мешање на поимите, та народот ги поистоветува паганскиот обичај наречен Задушница и христијанскиот празник Духовден.

Старите пагани раздавале храна за своите починати, со верба дека храната дадена на овој свет ќе му се најде на починатиот на оној свет. Духовден, пак, е денот роденден на Црквата, денот во кој Светиот Дух се симна на апостолите 50 дена по воскресението. На Духовден се случи симнувањето на Светиот Дух, токму според Христовото ветување и оттогаш Црквата ја започна својата мисија.

Значи, Духовден е чист христијански празник кој претставува роденден на Црквата. На Духовден верните треба да се потсетат на своето спасение.

Нашиот народ ги помешал овие два поими, голем дел од нив ги поврзуваат Духовден со ,,духови’’, па така мислат дека духовите на умрените стануваат од гробовите на овој ден и шетаат низ гробиштата. Веројатно затоа и им оставаат храна—во случај да се гладни да имаат што да си каснат. Секој кој ја прочитал Библијата знае колку е ова неточно и небиблиско верување.

Понекогаш Задушница се претвора во некој вид прослава на гробишта. Следнава изјава ја најдов некаде на интернетов: ,, Гледав како на гробишта се носат и касетофони, па откако во текот на ноќта ќе се испијат повеќе чашки ракија, се пушта и гласна музика, па некој што е поднапиен почнува да пее.’’ Комуналните претпријатија имаат големи проблеми со сметот, според зборовите еден од директорите: ,,Ни се случувало по секој празник да ангажираме и по седумдесетина камиони за да го соберат сето она што е оставено на гробиштата во тие денови.’’ И секој здраворазумен човек може да ја види излишноста на прославата на Задушницата. Та зар сме ние пагани? Та зар ние веруваме дека мртвите стануваат и јадат?

Но, ете, обичаите се такви и ние не гаиме надежи дека традицијата во скоро време ќе се промени. И оваа и наредната година и годините кои следат народот ќе си лежи во незнаење и ќе остава храна на гробиштата. Притоа да нагласиме дека голем дел од ,,раздавачите’’ воопшто не веруваат во некаков задгробен живот. Ним ,,Ете така останало’’ им е најсилниот аргумент како би го образложиле она кое не можат разумно да го сфатат.

Сосема за крај, би сакал да им порачам на сите оние кои денес ќе отидат на гробишта и ќе раздаваат храна—нека навистина се присетат на своите починати и на убавите моменти кои ги имале со нив. Храната која ја зеле со себе нека ја дадат на некои семејства кои немаат доволно. А кога ќе се вратат вечерва во своите домови нека се присетат на Оној Кој в гроб беше, но смртта ја победи и преку Својата смрт живот ни подари.

Можете да прочитате

Крива Паланка, Илинден и Кисела Вода ќе се натпреваруваат во првата епизода од ТРИУМФ, која денеска ќе се емитува на GLEY, а во недела на јутјуб каналот LAZAROV

Летни обуки за студенти и невработени за развој на претприемнички вештини и дигитална трансформација „Зграпчи го летото”

„Леново“ ги претстави „Моторола Разр 50“ телефоните на преклоп