Утрински Весник
Македонија

Забрчанец: На секое парче пропаганда треба да одговориме со две парчиња квалитетна содржина

Zabrcanec marjan 1536x1003 1.jpg

Марјан Забрчанец, долгогодишен активист и советник за медиуми и комуникации, во својот говор на Меѓународната конференција „Defending Democracy: Horizons of Freedom“ во Скопје, организирана одЦИВИЛ, ја опиша денешната информативна сцена како „хибридна лабораторија“ во која дезинформациите веќе не се шум, туку оружје насочено кон самите темели на демократијата.

Забрчанец потсети дека јавноста предолго ги потценувала дезинформациите како досаден, но несуштински дел од јавниот простор. Тој нагласи дека тоа било историска грешка, бидејќи дезинформациите во регионот и пошироко се дел од поширок хибриден напад врз институциите, вредностите и довербата меѓу граѓаните. „Прво почнува како војна на наративи, а потоа се претвора во вистинска војна на терен“, предупреди Забрчанец, додавајќи дека вештачката интелигенција денес е мотор кој овозможува една личност или мал тим да произведат илјадници лажни пораки, видеа и слики – евтино, брзо и таргетирано.

Тој објасни дека ВИ не е само алатка за манипулација, туку поле на судир: истите технологии што ги користат авторитарните режими и „архитектите на дезинформации“ може и мора да се користат од новинарите, граѓанските организации и демократите за одбрана на вистината. „Добар новинар со ВИ може побрзо да верификува информација. Едукатор со ВИ може да создаде персонализирани содржини за медиумска писменост. Активист со ВИ може да ги разоткрие кампањите на дезинформации и нивните извори“, потенцираше тој, но веднаш додаде дека ако демократскиот свет остане пасивен додека автократите ги градат своите ВИ-системи, битката ќе биде загубена уште пред да започне.

Забрчанец даде мрачна, но реалистична слика за медиумскиот екосистем во Македонија и Западен Балкан – многу медиуми на хартија, но малку вистински плурализам. Копирање содржини, политички и економски притисоци, ниски приходи, закани и физички напади врз новинари, па дури и врз медиумски куќи – сето тоа, според него, создава кршлив систем во кој власта се обидува да го контролира наративот, наместо да ја брани транспарентноста.

Тој потсети и на неодамнешните напади врз медиуми и на фактот што премиерот им држел лекции на новинарите да се занимаваат со „убави, празнични теми“ наместо со критичко известување за проблемите. Во таков вакуум, истакна Забрчанец, многу донатори се повлекуваат, а празнината ја пополнуваат надворешни актери на дезинформации.

„Имаме опасна комбинација: слаба медиумска сцена, уморни граѓани, моќни ВИ алатки во рацете на лоши актери и влада која одбива да го брани јавниот интерес“, предупреди тој. Според него, кога граѓаните ја губат довербата во локалните институции и медиуми, стануваат лесна цел за надворешни наративи – особено кога геополитиката буквално влегува во секоја вест и во секој паметен телефон. Анти-ЕУ, анти-НАТО и анти-либерални пораки, кои ја претставуваат Европската унија како слаба и лицемерна и ја релативизираат разликата меѓу демократски и автократски системи, потпираат на фрустрациите од долгите блокади и неисполнети ветувања во процесот на евроинтеграции.

Понатаму, тој се фокусираше на прашањето „што треба да направат демократиите“. Првата точка беше јасна: постојан притисок за транспарентност и одговорност. Граѓанското општество, новинарите и активните граѓани мора гласно да прашуваат кој ги поседува медиумите, кој плаќа политички кампањи и кој стои зад анонимните страници на социјалните мрежи. Без тие прашања, мрежите на дезинформации, како што рече, „растат во темнина“.

Втората препорака беше инвестиција во ВИ-алатки за вистина и во медиумска и дигитална писменост за сите – ученици, возрасни, локални заедници и институции. Факт-чекингот е важен, но не е доволен, нагласи Забрчанец: потребни се технологии што ќе откриваат синтетички медиуми, ќе мапираат мрежи на манипулација и ќе им помагаат на новинарите и активистите да реагираат брзо и аргументирано.

Третиот столб беше Европа. „На граѓаните не им се потребни само ‘европски вредности’ во говори, туку европски резултати во реалноста“, порача тој. Ако постои јаз меѓу реториката и секојдневието, дезинформациите победуваат. ЕУ, според Забрчанец, мора да го исполни ветеното кон Западен Балкан, а општествата во регионот мора активнo да притискаат за продлабочување на соработката. Во спротивно, граѓаните ќе се свртат кон други центри на моќ и кон лажни, но примамливи приказни.

Забрчанец порача дека е време да престанеме да бидеме изненадени – ВИ-генерираната дезинформација веќе е тука, во избори, во војни и во секојдневната политика. Решението не е во индивидуални напори, туку во вистински коалиции меѓу новинари, НВО, академија, регулатори и меѓународни партнери. И, можеби најважно, потребна е храброст – да се разоткријат моќните мрежи, да се инвестира во независни медиуми и образование, да се брани транспарентноста и да се каже „не“ на лесниот популизам, дури и кога носи брзи лајкови и гласови.

Можете да прочитате

Донесена одлука за украсување на Тетово

Гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија треба да биде готов до крајот на 2027 година

Коруновски објави видео од тест возењето на обновениот и модернизиран воз “Шпанец”