Марјан Забрчанец, координатор за Отворен Балкан и за регионална соработка во владата на Северна Македонија, во својата објава на социјалните мрежи по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик, потсетува на 15 важни датуми од современата промоција и верификација на македонскиот јазик.
„01. 1 август 2017 година – На македонски јазик и на бугарски јазик е потпишан Договорот за добрососедство, соработка и пријателство меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
02. 17 јуни 2018 година – Македонскиот јазик е потврден и признаен и од Република Грција, во рамки на Договорот од Преспа потпишан меѓу двете држави.
03. 22 јануари 2019 година – Заврши реконструкцијата на родната куќа (спомен дом) на основоположникот на современиот македонски јазик, граматика и правопис, Блаже Конески во селото Небрегово, во општина Долнени.
04. 14 февруари 2019 година – Македонскиот јазик е потврден како официјален во личната карта на Северна Македонија во Обединетите Нации.
05. 15 април 2019 година – на 130 седница на Владата, 5 Мај е прогласен за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.
06. 7 декември 2019 – Владата и НУБ “Климент Охридски”, во очи патрониот празник на Универзитетската билбиотека објавија бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на www.pravopis.mk
07. 27 март 2020 година – Република Северна Македонија стана 30 земја-членка на НАТО со македонскиот јазик како единствен службен јазик за меѓународна употреба.
08. 5 мај 2021 – Владата ја промовираше дигиталната платформа makedonski.gov.mk на која е поставен вкупниот фонд од преку 100.000 зборови од „Толковниот речник на македонскиот јазик“.
09. 19 декември 2021 година – Со серија активности во текот на целата година беше одбележана 100-годишнината од раѓањето на големиот македонист Блаже Конески
10. 18 јули 2022 година – Македонскиот јазик добива дополнителна верификација од страна на Советот на Европската Унија, со усвојувањето на преговарачката рамка за членство на Северна Македонија во ЕУ – во неа е јасно предвидено да се преведе на македонски јазик целокупното законодавство на ЕУ со што нашиот јазик станува еднаков со сите други јазици на Европската Унија.
11. 19 март 2023 година – Македонскиот јазик доби потврда во Грција, откако судот во Лерин одлучи дека Центарот за македонски јазик во овој град е законски регистрирана невладина организација. Основниот суд во Лерин ги одби сите тужби за укинување на овој центар, кој официјално беше регистриран во ноември 2022 година.
12. 1 август 2023 година – Републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци. Подоцна резолуцијата беше усвоена во државите Мичиген и Илиноис.
13. 5 декември 2013 година – Службите на ЕУ распишаа оглас за преведувачи на македонски јазик кои ќе работат за Европскиот Парламент, Европската комисија или за Европскиот суд на правдата.
14. Свечено отвoрање на лекторат по македонски јазик, литература и култура (на ниво на бесплатен курс) во Тирана
15. 26 јануари 2024 година – Собранието ги усвои измените на Законот за употреба на македонскиот јазик кој содржи многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
Честит Велигден. Честит 5 Мај, Денот на македонскиот јазик. Нека е вековит“ стои во објавата на Забрчанец.