Утрински Весник
Македонија

За ВМРО-ДПМНЕ „црната листа“ е добра кога на неа е Катица Јанева, ама треба да се остави на страна кога таму ќе се најдат Камчев и Мијалков

1707051574 Unnamed File.webp.webp

Мал политичко општествен потрес се случи денеска откако Стејт Департментот објави дека екс специјалната обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски заедно со нивните семејства се ставени на американската „црна листа“.

Не требаше многу време за да се појават првите реакции.

За СДСМ оваа „црна листа“ е уште една потврда зошто итно е потребен Законот за рестриктивни мерки.

Стевчо Јакимовски пак вели дека тоа било мешање во изборниот процес од страна на „длабоката држава во САД“

Се јавија и од ВМРО-ДПМНЕ, кои сметаат дека „црната листа“ на САД била удар за СДСМ, имплицирајќи соработка на владејачката партија со Јанева и Јакимовски.

Но ова е првпат, по долго време (а тоа откако на „црната листа“ беше ставен и струшкиот градоначалник од редовите на ДУИ, Рамиз Мерко) ВМРО-ДПМНЕ да излезе со јасен став во промоција на овој механизам на нашиот стратешки сојузник, САД.

Во други случаи ВМРО-ДПМНЕ е многу тивка и делува речиси рамнодушно секогаш кога на таа листа ќе се појават имиња кои некогаш биле дел од партијата или биле нејзини блиски соработници.

Мицкоски и неговата партија речиси беа безгласни кога на „црната листа“ беа ставени екс претседателот на партијата и премиер Никола Груевски и неговиот братучед, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков.

Немаше многу „бранувања“ од ВМРО-ДПМНЕ ниту кога на листата се најдоа Орце Камчев, кој важеше за финансиер на ВМРО-ДПМНЕ, ниту ортакот на Груевски, Сергеј Самсоненко.

Додека беше дел од Владата на Зоран Заев, тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев беше под силни напади од ВМРО-ДПМНЕ, но откако и тој се најде на американската „црна листа“ ВМРО-ДПМНЕ и за него не се произнесе со ист жар како што се произнесе денеска заради Јакимовски и Јанева.

„Но, јас би ја оставил црната листа на САД, на Обединетото Кралство…ние сме сведоци на дневен криминал во државата. Оставете ја „црната листа“. „Црната листа“ на САД е нешто сосема друго“ ќе изјави во едно видео интервју Мицкоски на почетокот на годинава.

Очигледно е дека за ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски „црната листа“ еднаш е удар за нивниот политички противник СДСМ, а некогаш е „нешто друго“, а таквите двојни аршини или можеби свесни калкулации за тоа како во најголемата опозициска партија се доживуваат рестриктивните мерки на САД, најчесто зависи од имињата што се наоѓаат на таа „црна листа“.

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег