Утрински Весник
Македонија

За труењето на 38 работници во прилепска фабрика Центарот за јавно здравје дознал по шест дена

Image 232705.png

Епидемијата на труење со храна на 38 работници во прилепска фабрика што не заврши фатално, се случила на крајот на мај, а Центарот за јавно здравје дознал од анонимна дојава по шест дена што оневозможило да се пронајде изворот на масовното труење. Со сигурност само се утврдило дека причинител била бактеријата салмонела. Во Прилеп во јуни имало и пет единечни труења кај граѓани.

Епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ од прилепскиот Центар за јавно здравје го објаснува случајот на труење на работниците од третата смена во прилепската фабрика во два часот изутрината на 28 мај кога при оброкот се затруле 38 од 75-те работници. Кај дел од нив имало потешки симптоми со висока температура, гадење, повраќање, кај другите болки во стомакот, нагон за повраќање. Но сите се излекувани. Се затруле од храната која доставувачот ја донел во третата смена.


-За епидемијата дознавме по анонимна дојава упатена во Институтот за јавно здравје кој нѐ извести нас, но со задоцнување, на 4 јуни. Иако, дел од заболените, уште истиот ден, на 28 мај и во наредните два дена побарале лекарска помош кај своите матични лекари, дел во инфективното одделение или во Итната медицинска помош. Во нашата служба немаше пристигнато ниту една пријава за труење со храна или на зголемен број на ентероколити, односно проливи. По дојавата беа известени санитарниот здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. Веднаш се побара список на сите вработени во фабриката кои конзумирале храна. Извршен беше увид во објектот каде се случило труењето и објектот, добавувач, местото каде се приготвувала храната. Во епидемијата, според нашите епидемиолошки податоци, заболеле 38 од 75 вработници, го објаснува случајот Мургоска Станимировиќ.

Бидејќи било доцна, не можел да се пронајде изворот на заразата во објектот на доставувачот, но се знае дека заболените ја имале бактеријата салмонела.

-Земени се примероци од столица и најдена е бактеријата салмонела ентеритидис, чест предизвикувач на труење со храна, особено во летните месеци. Со оглед на тоа што епидемиолошкото испитување започна со задоцнување од 6 дена, направени беа увиди во објектот за подготовка на храна, но не можеше да се открие изворот. Но се констатира дека за подготовка на храна секогаш се користат свежи продукти. Иако изворот не е откриен со сигурност може да се каже дека причинител на труењето пронајдената бактерија салмонела во изметот кај заболените, изјави Мургоска Станимировиќ.

Во текот на јуни, во прилепскиот центар за јавно здравје имало пријавено и пет индивидуални случаи на труење со храна, а причинител да биде бактеријата салмонела.

-За жал, кај поединечните труења, тешко е да се открие изворот на зараза.

До изолирањето на причинителот, и самите заболени не може да се сетат што консумирале пред неколку дена, вели Мургоска Станимировиќ.

Салмонелата е бактерија која најчесто ја има во продукти од животинско потекло- месо, јајца, млечни производи. Епидемиологот Татијана Мургоска Станимировиќ со препорака за термичка обработка на краната и да не се чува на собна температура.

-Мора да има добра термичка обработка, посебно во овие летни месеци кога може да настане труење. Освен тоа, да не се чува на собна температура, туку во разладни уреди. Салмонелата може да ја има и примарно во животните, објаснува Мургоска Станимировиќ.

Можете да прочитате

Тошковски: Пожарите можеби се дел од поинакво сценарио, истрагите за подметнувања се во тек

СДСМ: Гори цела Македонија, Владата нема контрола врз пожарите

ДОМ: Томас Вајц ја пренесе вистинската слика за Македонија во Европскиот парламент