Утрински Весник
Свет

За пет години кириите во Европа пораснаа за 12,5 отсто

20221104203726 big 730x400 33.webp.webp

Податоците на Европската статистичка агенција – Евростат покажуваат дека кириите за изнајмување станови и куќи во Европа во периодот јуни 2020 – јуни 2025 просечно пораснале за 12,5 отсто, но според извештај на германската „Дојче Банк“ тој раст во градските центри бил значително поголем од овој просек. 

Во извештајот на „Дојче Банк“, во кој се анализирани кириите во 67 градови низ целиот свет, од кои 28 во Европа, се наведува дека во периодот помеѓу 2020 и 2025 година, генерално, најголем процентуален раст на станарините се бележи во градските центри во Јужна и Источна Европа. 


Така, кириите најмногу пораснале во Истанбул за 206 отсто, по што следуваат Лисабон со 81 и Прага со 73 проценти. Единствен европски град каде кириите пораснала за над 70 отсто, а кој не се наоѓа во Јужна или Источна Европа, е шкотскиот Единбург каде во последните пет години станарините се зголемиле за 71 процент. 

По ова следуваат Барселона со раст на кириите од 65 отсто, Мадрид со 59 проценти и Атина и Варшава со зголемување од нешто над 50 проценти. 

Најмал раст на кириите во последниве пет години е регистриран во Хелсинки од само три отсто. 

Но, кога станува збор за еднособните станови во Хелсинки зголемувањето на нивните кирии е неколкукратно повисоко од просекот и изнесува 18 проценти, што сепак е најниско меѓу европските градови опфатени со извештајот. 

Највисок раст на кириите за еднособните станови е регистриран во Истанбул од 191 отсто, што сепак е под градскиот просек за 15 процентни поени. 

Значителни помали зголемувања на кириите за еднособни станови од просекот имаат и Прага за 23 процентни поени и Амстердам за 10 процентни поени, додека нивниот раст е значително поголем од просечниот во Милано и Варшава за 20, односно 10 процентни поени. 

Гледано во номинални вредности само во пет европски градови просечните кирии за трособен стан се под 2.000 евра. 

Според податоците во извештајот на „Дојче Веле“, во 2025 година просечната месечната кирија за трособен стан во централните подрачја на 28 европски градови се движела од 1.080 евра во Атина до 5.088 евра во Лондон.  

По Лондон, кириите за трособен стан се највисоки во Цирих и Женева од над 4.250 евра, по што следува Амстердам со станарини од над 3.800 евра. Во Даблин, Луксембург, Париз, Копенхаген и Минхен кириите изнесуваат над 3.000 евра.  

Причините за ваквите високи кирии се објаснуваат со ставот дека овие градови се значајни финансиски, политички или меѓународни центри, што поттикнува зголемена побарувачка на простор за домување. 

Во Милано, Единбург и Лисабон кириите за трособен стан се движат нешто под 3.000 евра, во  

Мадрид, Стокхолм, Берлин, Франкфурт и Барселона во просек тие изнесуваат околу 2.500 евра, додека во Бирмингем, Брисел, Виена и Прага се околу 2.100 евра.  

Дополнително, овие градови имаат и релативно пониски трошоци за живот во споредба со оние каде кириите се над 3.000 евра. 

Петте европски градови опфатени со извештајот во кој месечните кириите за трособен стан се под 2.000 се Хелсинки со 1.928 евра, Варшава со 1.881 евро, Истанбул со 1.614 евра, Будимпешта со 1.225 евра и споменатата Атина со просечни 1.080 евра. 

Овие бројки покажуваат дека градовите во Западна и Северна Европа имаат највисоки кирии, за што како клучни фактори се сметаат високиот животен стандард и недостигот на станбен простор. 

Од друга страна градовите во Јужна и Централна Европа имаат поприфатливи нивоа на кирии, додека тие се најниски во Источна и Југоисточна Европа. 

Меѓу неевропските градови опфатени со извештајот, највисоки просечни кирии за трособен стан има во Њујорк од 7.676 евра, а најниски во Каиро од 377 евра. Повисоки просечни кирии од градовите во ЕУ имаат и Дубаи и Сиднеј, каде тие изнесуваат околу 4.000 евра, додека во центрите на Торонто, Сеул, Токио, Москва и Шангај станарините се движат околу 2.500 евра. 

Кога станува збор за кириите за еднособен стан во Европа, тие во просек се за околу половина помали отколку станарините за трособен стан. 

„Европски шампион“ и кај еднособните станови е Лондон со просечна кирија од 2.732 евра, а „фенерџија“ и во оваа категорија е Атина со 595 евра. 

Според податоците на Евростат, со зголемувањето на станбените кирии во Европа, трошоците за домување зафаќаат се поголем удел во буџетите на домаќинствата и тој континуирано расте. Овој раст на кириите во центрите на градовите создава дополнителен притисок врз домаќинствата, особено за лицата со помали приходи и минимални плати. 

Оттаму во извештајот на „Дојче Банк“ се прави и анализа на соодносот меѓу просечните кирии и просечните плати, при што во некои европски градови висината на станарите е речиси идентична со просечните плати, а некаде тие не се доволни да се покрие киријата за еднособен стан во центарот на градот. 

Во 2025 година највисока просечна месечна нето плата меѓу градовите опфатени со извештајот има Женева од 7.307, по што следува уште еден швајцарски град Цирих со 7.127 евра. Во Луксембург, Амстердам, Копенхаген и Франкфурт просечните плати се над 4.000 евра. Во Берлин просечната плата е 3.565 евра, во Париз 3.630 евра, во Лондон 3.637 евра, во Мадрид 2.193 евра, а во Рим 2.046 евра. 

Можете да прочитате

Гроси повикува на воздржаност по нападот во близина на нуклеарната централа Запорожје

Нов силен земјотрес ги погоди руските Курилски Острови

Вулкан на Камчатка еруптира за прв пат по 600 години