Утрински Весник
Македонија

Зајкова: Пратениците од мнозинството избраа соучесништво во насилството наместо превенција

Monika zajkova sobranie.jpg

Соопштение за јавност на ЛДП:

Денеска, уште еднаш, собраниското мнозинство покажа дека нема ни волја, ни храброст, ни совест кога станува збор за заштита на жените. И оваа година како лани, не поминаа измените на Законот за заштита од семејно насилство и насилство врз жените, предложени од Либерално-демократската партија (ЛДП), со кои покрај забраната за движење, сторителот на насилство ќе биде обврзан да носи електронска нараквица за следење и предупредување на жртвата.  


„Без збор. Без аргумент. Без срам. Повторно го одбија предлогот за воведување електронски нараквици за следење на насилниците – мерка што значи превенција, што значи спасени животи, што значи реална заштита”, изјави од собраниската говорница претседателката на ЛДП, Моника Зајкова и вели дека ова не е само политичка одлука, туку директна одговорност.

„Кога имате можност да спречите насилство, а свесно одбирате да не го направите тоа, станувате соучесници. Соучесници во секој следен напад. Соучесници во секоја следна жртва. Соучесници во секоја жена што живее во страв. Овој предлог не е нов. Беше поднесен уште минатата година. И тогаш истото сценарио. Молк, игнорирање, одбивање. А резултатот? Црни биланси. Жени жртви. Скршени животи. И за жал, изгубени животи. И после сето тоа, повторно истата ладнокрвност. Повеќе не прифаќаме лицемерие”, посочува Зајкова.

Претседателката на ЛДП додава дека повеќе не прифаќа празни говори за „грижа за жените”, статистики за политички маркетинг и лажна загриженост.

„Жените не се бројки. Жените не се проценти. Жените не се тема за ПР. Жените се животи. И тие животи денес беа игнорирани. Ова не е само политичка борба, ова е морална линија. И денес, мнозинството јасно избра на која страна стои: На страната на молкот. На страната на неакцијата. И, за жал, на страната на насилството”, завршува во својата изјава пред пратениците Зајкова.

Можете да прочитате

На 30 март почнува судењето против Стојанче Николовски

Нов случај на измама во Тетово

Собранието го избра Ненад Савески за нов државен јавен обвинител