Утрински Весник
Македонија

За излегување на АА од Владата одлучува премиерот, во Собранието нема нова распределба на пратеници

20250424212326 big 730x400 52.webp.webp

Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, смета дека кај партиите партнери во коалицијата Вреди има емотивни реакции поради неговата одлука Алијанса за Албанците на локалните избори да има свои листи на кандидати за советници. Додека според Таравари, излегувањето од Вреди не мора да значи и напуштање на Владата, претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, верува дека во политиката не може да се седи на две столчиња, или можете да соработувате со власта и да ги поддржувате нејзините програми и политики, или да соработувате со опозицијата и да станете опозиција.

Во Собранието засега нема нова распределба на пратеници, а средба поврзана со тоа дали Алијанса за Албанците и министерот за здравство Арбен Таравари ќе останат дел од Владата се очекува да има во текот на мај.


Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера на брифинг со новинарите, оцени дека во Собранието состојбата е „статус кво“ во однос на нова распределба на пратениците.

“Сега засега во Собранието е статус кво во однос на нова распределба на пратениците, се е како што било. Значи, сите пратенички групи кои се формирале на почетокот на овој нов собраниски состав продолжуваат да работат, а ако имаме нови промени ќе треба тоа официјално да го достават до службите и до мене, за да ги информирам потоа другите пратенички групи и пратенци”, рече Гаши.

Гаши за одлуката на крилото на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари да настапат самостојно на локалните избори, а не со заеднички листи за кандидати за градоначалници и советници со коалицијата Вреди, нагласи дека во моментот нема нова ситуација во однос на прераспределба на пратеници во други групи. Локалните избори, како што посочи спикерот Гаши, треба да се закажат кон крајот на јули или почетокот на август.

Министерот за здравство и лидер на крилото на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вчера одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Куманово, изјави дека „не мора да значи“ напуштање на Владата, ако неговата партија излезе од Вреди затоа што, рече, „владата ја прави премиерот“.

“Премиерот формира Влада и тој одлучува дали Алијанса за Албанците треба да биде во Владата. Мислам дека треба, но ако тој смета дека не треба, ние немаме никаков проблем. Сепак, да бидеме рационални и да не брзаме”, изјави Арбен Таравари прашан дали неговата партија ќе ја напушти Владата со евентуално излегување од коалицијата Вреди (Влен).

Тој смета дека во партиите партнери во коалицијата Вреди има емотивни реакции по неговата одлука Алијанса за Албанците на локалните избори да има свои листи на кандидати за советници. Средба поврзана со тоа дали Алијанса за Албанците и министерот за здравство ќе останат дел од Владата се очекува да има по 1 мај.

Од кабинетот на премиерот за МИА, вчера посочија дека премиерот Христијан Мицкоски во моментов има редовна комуникација со членовите на Владата.

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, вчера истакна дека во политиката не може да се седи на две столчиња, или можете да соработувате со власта и да се залагате за нејзините програми и политики или да соработувате со опозицијата и да станете опозиција.

“Ставот на ЗНАМ е дека секој, не само Таравари или било која политичка партија која има отворена или затворена комуникација со нереформираната ДУИ и директна или индиректна соработка за нас како политички субјект е неприфатлив да биде составен дел на владиното мнозинство”, рече Димитриевски во „Само Интервју“.

Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, вчера во изјава за медиумите истакна дека членовите на Владата од Алијансата на Албанците предводена од Таравари засега остануваат во владиниот тим и оти работата во извршната власт продолжува нормално.

“АА е во Владата, нема планови за промена на нашите позиции во Владата. Продолжуваме со работа, секојдневно, како ништо да не е сменето. Вчера имавме владина седница на која не беше кажана ниту една загриженост”, рече Фетаи на настан за одбележување на Меѓународниот ден на книгата во Куманово.

Оваа недела се очекува да почне трансформацијата на коалицијата „Влен“ во партија, откако Алијанса за Албанците на Таравари одлучи да оди на претстојните локални избори со сопствени листи за советници.

Првиот вицепремиер и лидер на Демократско движење, Изет Меџити, деновиве во интервју за Телеграфи Македонија на албански јазик нагласи дека од коалицијата „Влен“ ќе произлезе нов политички субјект на македонската политичка сцена.

Тој информира дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, заедничка програма и листи на заеднички советници на претстојните локални избори. Според Меџити, обединувањето на партиите од Коалицијата во една партија е одраз на барањата на гласачите присутни уште од самиот почеток, и оти многу лесно се одвива процесот на претопување во една партија, на кој, вели, очигледно се спротивставува Таравари.

Централното претседателство на Алијанса на Албанците на Арбен Таравари на 15 април во Тетово одлучи на претстојните локални избори да понуди сопствени листи со кандидати за советници. Како што изјави Таравари по седницата, оваа одлука нема да придонесе за промени, односно дека остануваат како партија во рамки на коалицијата „Влен“ и во состав на Владата.

На 16 април, по состанокот на лидерите и високи функционери на оваа коалиција беше истакнато дека „Влен“ смета дека одлуката за настап со одделни советнички листи за советници на Алијанса за Албанците предводена од Таравари е донесена во интерес на ДУИ, чија суштина јавноста многу бргу ќе ја разбере.

„Влен“ не го исклучила од коалицијата Таравари, туку тој, според лидерот на Демократското движење Изет Меџити, се самоисклучил. Тој тогаш оцени дека оваа постапка на Таравари значи и проблем во Владата, но засега, кажа, нема одговор дали ќе бараат негово разрешување од министерската функција во здравство.

Можете да прочитате

Средба на Муцунски со заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ

Шекеринска: Балканот е клучен за НАТО, решенија за проблемите да се бараат преку соработка

Само претседателката Давкова од Македонија ќе присуствува на погребот на папата Франциск