Утрински Весник
Македонија

За една деценија бројот на првачиња кои ќе се запишат во Кочани се намалил за 20 отсто

Image 228382.jpeg

Во петте основни училишта во Кочани за новата учебна година треба да се запишат околу 370 ученици во прво одделение, што претставува минимално опаѓање во однос на лани. Во споредба со запишаните првачиња од пред една деценија, бројот е помал за околу 20 отсто.

Учениците кои првпат треба да тргнат на училиште се добиени според евиденцијата од книгата на родените во Управата за водење матични книги, а потоа се прави споредба со податоците од одделот за вакцинации во Центарот за јавно здравје. Искуството на училишните педагошки служби покажува дека уписот на евидентирани не се исполнува целосно, односно има потфрлање за околу една петина, што значи дека намалувањето за десет години е околу 40 отсто.


Според реонизацијата во однос на местото на живеење, најмногу првачиња – вкупно 142 треба да се запишат во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ кои ќе бидат распределени во четири паралелки во централното и две во подрачните училишта. Во ОУ „Никола Карев“ се планирани места за 77 првачиња во пет паралелки, од кои две во подрачните објекти, а во ОУ „Раде Кратовче“ се очекуваат 56 ученици во прво одделение распределени во три паралелки. Најмалку првачиња, вкупно 33, ќе има во ОУ „Крсте Петков Мисирков“.

„Запишувањето на нови ученици почна од денеска и според евиденцијата во нашето училиште во претстојната учебна година треба да има 64 првачиња. Бројот на реално запишани веројатно ќе биде помал, затоа што се опфатени и семејствата кои повеќе години живеат во странство или во други градови, а во нашите матични служби е евидентирано раѓањето на нивните деца“, истакна Благој Петров, директор на ОУ „Малина Попиванова“.

Намалувањето на бројот на првачињата во некои училишта реално наметнува формирање на една или најмногу две паралелки во прво одделение, но засега нема најави дали тоа ќе се спроведе за претстојната учебна година.

Можете да прочитате

Панова: Секој ден во Собранието гледаме само лицемерие од СДСM

Мециновиќ: Љутков нема одговор за непочитувањето на Законот за македонски јазик

Награда за животно дело за актерката Снежана Конесвки – Руси