
Во само девет дена, полициските службеници низ државата изрекоа повеќе од 6.000 казни за сообраќајни прекршоци. Засилените контроли, како што соопшти МВР, покажале дека најголем дел од возачите и понатаму ја потценуваат брзината дури 1.573 возеле побрзо од дозволеното.
Полицијата морала да интервенира и со приведување. Согласно член 297-а од Кривичниот законик, 44 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување. Меѓу нив, убедливо најбројни 33, се оние кои седнале зад волан под дејство на алкохол. Има и двајца кои возеле во забранет правец, како и девет возачи кои целосно ја игнорирале брзината во населени и ненаселени места. Контролите откриле и други сериозни пропусти: непрописното паркирање е и натаму најчестиот прекршок со 1.511 казнети лица.
Следуваат 620 возачи без возачка дозвола, 39 кои поминале на црвено светло и 173 што повторно возеле под алкохол. Несовесност имало и кај пешаците 32 прекршоци, како и кај возачите кои не користеле сигурносен појас (349) или зборувале на телефон додека возат (214). Од сообраќај биле исфрлени 119 нерегистрирани и 62 технички неисправни возила, а санкционирани се и 28 возачи со непрописно затемнети стакла. Од МВР порачуваат дека контролите ќе продолжат и понатаму, а апелот останува ист: сообраќајните правила не се препорака, тие спасуваат животи.

