
Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба, изјави дека до европратениците стигнале информации за ненајавени средби на „главниот изготвувач на извештајот“ со македонските власти и за нарушување на правилата за транспарентност на ЕП.
– Се обратив до раководството на Парламентот, со барање да биде запрено усвојувањето на тој документ, да се спроведе истрага и да се утврдат сите факти и состојби, како тоа една земја која е предмет на извештајот има достап до доверливи информации и работи од неговата содржина, со што тој е компромитиран и необјективен – рече Стојанов, додавајќи дека верува оти ЕП ќе реагира на ова и ќе најде излез од ваквата ситуација.
Неговиот сонародник Андреј Ковачев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), пак, ја праша Кос за какви тоа разговори за надминување на билатерално прашање меѓу Скопје и Софија таа говори.
– Нема билатерално прашање, ве молам, вие добро знаете. Во Заклучоците од 2022 година и во Преговарачката рамка, 27-те земји членки и земјата кандидатка се согласија на тоа. Тие не треба да го губат времето на нивните граѓани на Северна Македонија. Жал ми е што граѓаните на Северна Македонија загубија толку многу време, бидејќи не се исполнети Заклучоците на Советот од 2022 година – рече Ковачев.
Тој ѝ порача на еврокомесарката за проширување Марта Кос да не го користи терминот „билатерално прашање“, бидејќи, како што рече, нема такво нешто, туку само Заклучоци на Советот што мора да се исполнат за земјата да може да ги почне преговорите.