Утрински Весник
Балкан

Вучиќ: Ќе има војна, сите се подготвуваат за тоа

Vucik.jpeg

Српскиот претседател Александар Вучиќ на отворањето на новата брза железница што ги поврзува Белград и Суботица изрази сериозни загрижености околу светската безбедносна ситуација. Тој истакна дека глобалните сили се подготвуваат за конфликт и дека тоа ќе има последици и за Србија.

„Ќе биде сè потешко во светот. Луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, изјави Вучиќ, пренесува Телеграф.


Тој додаде дека некои држави не се заинтересирани за преговори и дијалог, туку копаат ровови и чекаат почеток на конфликтот. „Мораме да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“, нагласи претседателот.

Вучиќ откри дека резервите на храна за армијата и државата се двојно зголемени и дека повторно ќе побара ново зголемување, во пресрет на можни тешкотии.

Во однос на снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз нафтената индустрија во Србија, Вучиќ увери дека граѓаните нема да се соочат со проблеми како купување бензин во кантички и дека сите предизвици ќе бидат решени.

„Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Граѓаните не треба да се грижат. Ако случајно има гориво во кантички, единствените кои треба да се обвинат се тие што создадоа проблем“, заклучи Вучиќ.

Можете да прочитате

Голем пожар во погон за рециклирање на електронски отпад во Хрватска

Франција блокираше две поглавја во преговорите на Црна Гора со ЕУ

Политичката криза во Бугарија нема да го одложи влегувањето во Еврозоната