Утрински Весник
Свет

Втор ден од претседателските избори во Русија, се гласа и во окупираните украински региони

20240315212027 Big 730x400 65.webp.webp

Граѓаните на Русија денеска втор ден гласаат на претседателските избори кои почнаа вчера, а ќе траат до утевечер, а на кои актуелниот претседател Владимир Путин се кандидира за петти мандат.

Првиот ден од претседателските избори беше нарушен со низа инциденти, меѓу кои и истурање боја во гласачки кутии, фрлање молотов коктел на избирачко место во родниот град на претседателот Владимир Путин и серија кибер напади.

Во гласачка кутија во Москва била истурена боја, пишуваат руските медиуми. Надзорна камера го снимила инцидентот – млада жена е снимена како го става своето гласачко ливче во гласачката кутија, а потоа мирно истура зелена течност во неа. Полицаец веднаш потоа ја привел. Молотов коктел бил фрлен на избирачко место во Санкт Петербург, а 21-годишна жена е уапсена. На гласачки места во Москва и Сибир се забележани обиди за подметнување пожар.

Путин, кој е еден од четворицата кандидати за шеф на државата, го искористил своето право на глас вчера гласајќи онлајн. Овој начин на гласање првпат се применува на овие избори, иако само во околу една третина од руските региони.

Покрај Путин, претседателски кандидати се и Владислав Даванков од партијата „Нови луѓе“, Леонид Слуцки од Либерално-демократската партија и Николај Харитонов од Комунистичката партија. На изборите не учествува опозицискиот политичар Борис Надеждин, кој минатиот месец беше дисквалификуван од Централната изборна комисија поради грешки направени при собирањето потписи.

Анкетите и истражувањата на јавното мислење објавени од руските државни медиуми покажуваат дека Путин ужива поддршка од околу 80 отсто од граѓаните, што е повеќе отколку пред почетокот на војната во Украина.

Неговата кандидатура за петти мандат беше овозможена откако Државната дума ги усвои амандманите на Уставот во 2021 година според кои, меѓу другото, ограничувањето на бројот на мандати во кои едно лице може да биде претседател на Русија се однесува на актуелниот лидер на земја, без да се земат предвид неговите претходни претседателски мандати.

Поради повеќе временски зони во Русија, прво беа отворени избирачките места на крајниот исток на земјата, во автономниот округ Камчатка и Чукотка, а потоа и во областа Магадан, Сахалин и Курилските острови. Последните избирачки места што се отворени се во Калининградската област, на Балтичкото Море.

Ова се први претседателски избори на кои гласаат и жителите на четирите украински региони – регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои беа анектирани од Русија во септември 2022 година.

Според руски извори, во окупираните делови на украинските региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон се повикани да гласаат вкупно околу 4,5 милиони луѓе. На изборите гласаат и жителите на црноморскиот полуостров Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година. 

Украина го оцени гласањето на окупираните територии како кршење на меѓународното право, и го повика светот да не ги признава изборните резултати. Изборите во анектираните украински делови ги осудија и генералниот секретар на ОН Антони Гутереш и повеќе западни државници.

Претседателските избори ги набљудуваат делегации од 36 земји и пет меѓународни организации, а акредитирани се повеќе од 200 парламентарни набљудувачи и неколку десетици експерти за изборниот процес.

Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани, а резултатите од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март.

Можете да прочитате

Анкета: Повеќето Американци се задоволни од победата и потезите на Трамп при трансферот на власта

Пожар во фабрика за воена опрема во Русија

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија