Утрински Весник
Македонија

Врнежите го полнат Дојранското Езеро, водостојот зголемен за околу 50 сантиметри

Dojransko ezero.webp.webp

По есенските и зимските врнежи, нивото на водата во Дојранското Езеро бележи пораст од околу 50 сантиметри, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Сепак, на езерото сè уште му недостасуваат околу 70 сантиметри за да ја достигне минималната договорена кота од 146,13 метри надморска височина.

Од крајот на октомври до првата половина на февруари, според податоците на УХМР, е регистриран постепен пораст на водостојот, а оптимистичките прогнози се дека во следните три до четири месеци езерото би можело да ја достигне минималната кота.

– Водостојот на Дојранското Езеро го мериме според договорената минимална кота со грчката страна, која изнесува 146,13 метри надморска височина. По последните врнежливи периоди, езерото се полни, но при последното мерење нивото изнесуваше 145,42 метри, што значи дека се потребни уште 71 сантиметар за да се достигне минималната кота – изјави Васко Стојов, раководител на Секторот за хидрологија во УХМР.

Најповолно за полнење на езерото е влевањето на водите од топењето на снегот на планината Беласица, но засега снежна покривка нема. Дополнително, како тектонско езеро, Дојранското природно старее, што го намалува неговиот волуменски капацитет.

Прогнозите се дека езерските води ќе нарастат и во наредните неколку месеци, но со покачување на температурите и со дејство на ветерот неизбежно ќе биде испарување на водата.

– Можно е до почетокот на летото езерото да ги надомести овие 70 сантиметри, но истовремено ќе имаме и затоплување и поголемо испарување. И покрај дождливите месеци, очигледно е дека подолг период се соочуваме со сушни услови, што директно се одразува на водостојот – додава Стојов.

За споредба, податоците на УХМР од 2017 година покажуваат дека во февруари Дојранското Езеро бележело водостој на кота 147,10 метри, што е разлика од сегашното ниво од еден метар и седумдесеттина сантиметри. 

Можете да прочитате

Гаши: Работата на Собранието продолжува и за време на протестот

Претрес во Затвор-Скопје: Пронајдени недозволени предмети

СДСМ: Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски