Утрински Весник
Економија

Времето на евтини цени на какаото е минато, глобалните трендови ќе се одразат и кај нас

Kakao.webp.webp

Производителите на кондиторски производи во земјава не ја исклучуваат можноста во следните два до три месеци да ги зголемат цените особено на чоколадите и кондиторските производи во кои има висок удел на какао поради растот на цената на какао зрното на светските берзи и недостигот на оваа суровина на пазарот. 

Цената на какаото само во март се зголеми за околу 60 проценти, а недостиг од оваа суровина има во последните години поради лошите временски услови и болестите на земјоделските култури во Западна Африка, област со 75 отсто од светското производство на какао. 

Од компаниите што ги контактираше МИА велат дека прават калкулации и сеуште не ги зголемуваат продажните цени на кондиторските производи, но дека глобалните трендови во следниот период ќе се одразат и врз цените кај нас.

Главниот извршен директор на „Витаминка“ Сашко Наумоски вели дека времето на евтини цени на какаото е минато.

– Генерално, зголемената цена на какаото, залихите кои ги имаат производителите, најавениот дефицит, ќе резултира со потреба од интервенција на цените на одредени производи во најскоро време. Производителите во светот веќе ги поскапеа велигденските чоколадни јајца поради повисоките трошоци за какао, а некои производители, пак, ја намалуваат големината на слатките. Ова најверојатно ќе се рефлектира и кај нас со пораст на цените на чоколадите и кондиторските производи во периодот кој доаѓа заради зголемените увозни цени на зрната какао, вели Наумоски за МИА.

Посочува дека влегуваме во период кога покрај екстремно високите цени на суровините од какао, под знак прашалник ќе биде и самата достапност.

– Анализирањето на сложените влијанија врз цените на какаото е условено од мноштво променливи фактори. Не можеме да зборуваме за идните цени, но со оглед на висината на цените на какаото и шеќерот, светските компании, па и „Витаминка“ ќе ја користат секоја алатка, вклучително и цените, како начин за управување со бизнисот. Затоа не ја исклучуваме можноста за зголемување на цените на чоколадото за крајните потрошувачи во најскоро време, нагласува Наумоски.

И од „Винчини – Макпрогрес“ Виница велат дека како и во светот, така и кај нас, ваквиот скок на цената на какао зрното предизвикан од недостигот на оваа суровина, ќе се одрази врз крајната цена за потрошувачите.

– На Лондонската берза каде што се тргува какао зрното се случува невиден раст на цените на какаото. Ако во просек, години наназад цените се движеле околу 2500 фунти за тон, деновиве цената е преку 8000 фунти за тон што е скок за повеќе од тројно само во последниве три месеци. Причината е недостатокот на какао зрно што се провлекува во последните три години наназад бидејќи побарувачката е поголема во однос на понудата- производството. Кај нас како и насекаде во светот овие влезни цени ќе се одразат на цената на финалните производи во малопродажбата, посебно кај чоколадите и кондиторските производи кои имаат висок удел на какао делови во себе, истакнува Глигор Цветанов, извршен директор во „Винчини – Макпрогрес“ од Виница во изјава за МИА.

Поскапувањата на пазарот, додава Цветанов, веќе се случуваат, чоколадите веќе се поскапи за 50 проценти, а се очекува да бидат дополнително поскапени ако останат овие високи ценовни нивоа на какао зрната на берзата. 

– Кај нас, како и насекаде во светот може да се забележи дека цените на чоколадите посебно во малопродажбата моментално веќе се зголемуваат, но делумно и претпазливо, а сигурно е за очекување и дополнително зголемување во следниве два-три месеци, нагласува Цветанов.

Според него, за година до две не може да се очекува зголемена понуда на какао зрното.

– За да се зголеми производството и понудата на какао, на какао дрвата им се потребни пет години од садење до почеток на берба и секако на краток рок во година-две нема да има некоја можност за зголемена понуда освен потрошувачите поради значајно повисоките цени на чоколадите и производите со голем удел на какао, да намалат со купувањето на претежно чоколадите па со намалување на побарувачката би можело да се случи и намалување на цените на какао зрната бидејки берзата е механизам каде што цената на стоките секогаш се формира во однос на понудата и побарувачката, појаснува Цветанов.

Од почетокот на тековната сезона, пратките од Брегот на Слоновата Коска и Гана, кои се најголеми производители на какао, се намалени за 28, односно 35 отсто, во споредба со истиот период минатата година.

Меѓународната организација за какао (ICCO) очекува глобалното производство да падне за 10,9 отсто оваа сезона, на 4,45 милиони метрички тони. Трговците се загрижени за последиците од климатскиот феномен Ел Нињо, кој предизвика суша во Западна Африка, во областите каде се произведуваат над 70 отсто од суровините клучни за производство на чоколадо.

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk