Откако Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираше дека е поднесена жалба на првостепенета пресуда за случајот „Ласкарци“, од коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, ја поздравија, како што велат доцната, но неопходна одлука на скопското обвинителство.
„Коалицијата ВЛЕН ја поздравува доцната, но неопходна одлука на скопското обвинителство за поднесување жалба против неприфатливо ниската и скандалозна казна изречена за случајот „Ласкарци“. Ние силно го поддржуваме барањето за построги казни за сите други одговорни лица инволвирани во ова трагедија. Овој страшен настан, кој се обиде да се релативизира и минимизира од претходниот режим со корумпираните кадри на ДУИ, бара целосна и непристрасна правда“,се вели во соопштението од коалицијата „Вреди“.
Сепак, како што додаваат оттаму, во случајот има прашања кои е неизбежно да се постават, а се однесуваат на политичкиот ривал на „Вреди“ во албанскиот блок, опозициската ДУИ.
„Дали ова е уште еден случај во кој мувлосаниот кадар на ДУИ го спречува заслуженото казнување на виновниците и откривањето на вистината? Каква улога одигра Валдет Џафери, поранешен директор на Бирото за судска експертиза, во намерното одложување на експертизата на случајот Ласкарци?“прашуваат од „Вреди“.
Оттаму велат дека исто така треба да се дознае дали сопствениците на „Дурмо турс“ се блиски со ДУИ, како што често се зборува во јавноста и дали се соработници на актуелниот пратеник и поранешен претседател на Собранието и технички премиер, Талат Џафери.
„Зошто сите институции вклучени во овој случај не успеале да донесат праведна и навремена пресуда? Кои се тие што се кријат зад овие постапки и се обидуваат да ги заштитат своите тесни политички интереси, попречувајќи ја правдата за жртвите и нивните семејства? Коалицијата ВЛЕН бара целосна транспарентност и конкретни дејствија од сите институции за да се обезбеди правда за жртвите и за сите граѓани“велат од владиниот коалиционен партнер „Вреди“.
Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера информираа дека јавниот обвинител го го застапува предметот Дарко Јакимовски до Апелацискиот суд Скопје поднел жалба против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај Ласкарци во која учествуваше автобус на компанијата „Дурмо турс“.
Обвинителството со жалба бара повисоки казни за обвинетите за несреќата кај Ласкарци
Обвинителот предлага Апелацискиот суд да ја преиначи првостепената пресуда и на обвинетите Д. Б., Р. М., И. Ѓ. и Г. Д. да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните – забрана за вршење професија, дејност или должност.
Според јавниот обвинител, првостепениот суд донел извонредно значајна пресуда, битна за казненоправниот систем и покажал дека никој не може да ја дерогира и супституира судската улога во процесот на одлучувањето, но погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за тешката сообраќајна несреќа во која загинаа 16 лица, а уште 38 беа повредени.
Роднините на загинатите кај Ласкарци незадоволни од пресудата, велат очекувале максимални казни