Утрински Весник
Македонија

Вработени во Министерството за економија си носат вентилатори од дома, климата не е во функција

Img 3224.jpeg

Во просториите на Министерството за економија и труд, веќе неколку недели не функционира системот за климатизација, поради што вработените работат во неподносливи услови на високи температури, објави Порталб.мк.

Тие велат дека ситуацијата е алармантна и дека не се преземаат конкретни мерки за решавање на проблемот.


„Климата не работи од почетокот на јуни. Ја поправија еднаш, но од 10 јули повторно се расипа“, изјави еден од вработените. Според него, вчера, поради екстремните температури, дел од вработените биле ослободени порано од работа.

Други вработени посочуваат дека некои од нив дури донеле вентилатори од дома за да се справат со жештината, додека во кабинетот на министерот, според нив, биле купени нови клима-уреди.

Од Министерството потврдуваат дека дефектот е резултат на дотраен централен систем за климатизација, стар речиси три децении. За неговото одржување и сервисирање е надлежна Службата за општи и заеднички работи при Владата.

„Поради дефект на системот за ладење, климата беше надвор од функција. Во тој период, по инспекција на Државниот инспекторат за труд, беше донесена одлука за скратено работно време – од 7 часот наутро, со обврска дел од задачите да се извршуваат од дома“, информираат од Министерството. Климатизацијата, според нив, од вчера повторно е во дефект, и службите биле известени.

До објавувањето на текстот, од Владата на Република Северна Македонија не пристигна одговор на прашањата поврзани со овој проблем.

Во меѓувреме, земјата се соочува со бран од високи температури, поради што надлежните институции постојано упатуваат препораки за заштита од топлината – препораки кои, очигледно, не се спроведуваат и во државните институции.

Можете да прочитате

МПЦ и Г.Г. Стефан не знаат кога е вториот Илинден

Врнежи и грмежи доаѓаат во Македонија, можно е невреме!

Талевски: Тошковски како Груевски, сака да формира партиска милиција под своја команда!