
Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за „Онкологија 2“, кој се води против поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовено работење и финансиски криминал.
Првиот сведок, вработен како доктор на Онкологија и член на Управниот одбор на Клиниката, од 2017 до 2023 година, рече дека на седниците на УО биле присутни Нино Васев и Нехад Нухи, но дека не се сеќава оти тие им реферирале за набавките и економската состојба на Клиниката.
Сведокот, посочи дека УО има пет члена и записничар правник и економист кој постојано, како што рече, доаѓал да им образложува врз основа на нивните потреби и точките на дневен ред.
– Ние сите бевме доктори, а економистот кој ни образложуваше, иако не се сеќавам точно, ни кажуваше бројки врз основа на што ние сме се одлучиле или гласале за точките кои биле на дневен ред, рече сведокот.
Сведокот, исто така, зборуваше и за имуно и биолошката терапијата на условен буџет, за која појасни дека се аплицира на пациенти според соодветна апликација на пациентите.
– При секоја апликација на соодветен лек за терапијата мора да се прават соодветни испитувања врз основа на кои ќе се аплицира лекот. Претежно имунотерапијата може да се аплицираат во неколку стадиуми, но ако вредностите кои според лекот се дозволени тој лек да се аплицира, изјави сведокот.
Тој, меѓу другото, рече дека лекот Херцегпин, не се аплицира кај пациенти кои што се рх негативни.
Прашан од одбраната, дали економистот кој присуствувал на седниците на УО бил раководител на финансии на Клиниката, сведокот рече да.
Вториот сведок, исто така, вработен на Клиниката за онкологија, зборуваше за пациенти кои тој ги лекувал и за кои давал терапија и во кои услови и кога се применувале конкретни лекови.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Славица Наумова Јосифовска, а застапник на обвинението е Ана Гоговска Јакимовска. Судењето продолжува на 6 ноември, за кога се повикани повеќе сведоци предложени од Обвинителството.
Обвинетите Васев и Нухи на почетокот негираа вина за делата кои им се ставаат на товар. Одбраната, тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.
Кривичниот суд во јуни, годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра.
Покрај ова, против Васев и уштре двајца лекари онколози се води уште еден случај Онкологија 1 за несовесно лекување пациенти. 





 
					