Во Словачка денеска се гласа на вториот круг од претседателските избори. Избирачките места се отворени утринава во 7 часот, а гласањето завршува во 22 часот, јавуваат локалните медиуми.
Ова се шести непосредни претседателски избори од осамостојувањето на Словачка. Граѓаните избираат меѓу двајца кандидати кои влегоа во вториот круг – Иван Корчок и Петер Пелегрини.
Оние кои поради нивната здравствена состојба не можат лично да излезат на гласачките места, како неподвижни или постари лица со попреченост, можат да побараат од изборната комисија да им дозволи да гласаат од дома.
Распоредени се поголем број полицајци за изборите да поминат во мирна атмосфера.
Според проценките на Словачкиот завод за статистика, повеќе од 4,33 милиони луѓе имаат право на глас во вториот круг од претседателските избори во Словачка и можат да го дадат својот глас на 5.938 избирачки места.
Пребројувањето на гласовите ќе започне по затворањето на избирачките места, а Заводот за статистика ќе ги објави прелиминарните резултати на својата веб-страница. Официјалниот исход од изборите треба да биде објавен утре, откако Државната комисија за избори и надзор на финансирањето на политичките партии ќе даде одобрение.