
Полицијата во Подгорица денес објави дека привела неколку лица кај кои биле пронајдени бејзбол палки подготвени за напад.
„Службениците на Полициската управа при Одделот за безбедност на Подгорица, во согласност со најавените засилени активности во врска со следењето на безбедносната состојба на терен и објавите на социјалните мрежи, кои се однесуваат на повици за насилство и говор на омраза што следеа по кривичното дело насилно однесување извршено врз М.Ј. завчера во Подгорица од страна на двајца странски државјани, едниот од Турција, а другиот од Азербејџан, презедоа координирани мерки и дејствија на терен и приведоа неколку лица, државјани на Црна Гора, во службени простории“, се вели во соопштението.
Полицијата наведува дека гореспоменатите лица се приведени за да се утврди одговорност за предизвикување насилство, за кое се сомневаат дека го планирале.
Полицијата повика на воздржаност од насилство, додавајќи дека секое незаконско и неодговорно однесување ќе биде санкционирано без исклучок, а одговорните ќе бидат гонети согласно законот.
По инцидентите во подгоричката населба Забјело за време на викендот, што се случија меѓу локалното население и странските државјани, претежно од Турција, Владата на Црна Гора на денешната електронска седница одлучи привремено да го укине безвизниот режим со Турција



