
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Во јавноста со години се повторува истата теза: „Нема доволно пари за пензии”, „Пензискиот фонд е во дупка”, „Буџетот мора да помага”. Со текот на времето, оваа констатација се прифати како природна состојба, како нешто што не може да се смени. Но што ако проблемот не е во количината на пари, туку во начинот на кој тие се организираат?
Во архитектурата постои едно едноставно правило: со ист простор, но со подобар распоред на елементите, може да се добие далеку пофункционален и покомфорен објект. Истото важи и за економијата, а особено за јавните финансии. Со истите средства, но со поразумен концепт, може да се изгради многу постабилен и поодржлив пензиски систем.
Денес пензискиот систем формално се претставува како осигурителен, но во практика функционира како мешавина од осигурување и социјална помош. Околу две третини од потребните средства за исплата на пензии се обезбедуваат од придонеси, а приближно една третина доаѓа директно од Буџетот. Тоа значи дека дел од пензиите не се финансираат од наменски придонеси, туку од општи јавни приходи – пари што по својата природа им припаѓаат на сите граѓани. Систем кој постојано се спасува од буџет, веќе не е осигурителен – туку прикриен социјален.
Принципот на пензиско осигурување е јасен: правото на пензија се стекнува врз основа на уплатени придонеси. Кога значаен дел од средствата доаѓа од буџетот, тој принцип се разградува, а пензијата постепено се претвора од осигурително право во социјален трансфер. Ова не значи дека државата нема социјална улога, туку дека таа мора јасно да се разликува и одвои од осигурителниот дел на системот.
Дополнителниот проблем не е само во изворот на средствата, туку и во политичката перцепција што тој извор ја создава. Кога пензиите значајно се финансираат преку буџетот, редовната исплата на пензиите лесно се претставува како успех на актуелната власт, како резултат на „добро управување”, а не како исполнување на законска обврска кон луѓето кои со децении придонесувале. На тој начин, пензијата од стекнато право се претвора во политички аргумент, а пензионерите во публика.
Затоа предлагаме модел во кој средствата за пензии ќе се собираат директно од граѓаните, преку јасно дефинирани и наменски придонеси, а не заобиколно преку буџетот. Ако пресметката на пензијата јасно покаже колкав дел произлегува од уплатените придонеси, а колкав дел – евентуално – од буџетска поддршка, на секој граѓанин ќе му стане јасно колку системот е навистина одржлив и колку државата е успешна во своето работење. Транспарентноста е најдобрата заштита и за пензионерите и за јавните финансии.
Уште пострашно е што буџетот, за разлика од придонесите, може да се полни и со средства обезбедени преку задолжувања и кредити. Тоа значи дека дел од денешните пензии индиректно може да се финансираат со пари што ќе ги враќаат идните генерации. Овој модел не само што е финансиски ризичен, туку е и морално проблематичен, затоа што товарот се префрла на оние кои допрва треба да го изградат својот живот и својата иднина.
Дополнителниот апсурд е во начинот на кој парите кружат. Вработениот плаќа придонеси за пензиско осигурување и плаќа данок на личен доход. Данокот оди во буџетот, а потоа државата дел од тие исти пари ги враќа назад во Пензискиот фонд за да ги покрие пензиите. Така се создава неприроден и нетранспарентен круг: граѓанин → буџет → пензиски фонд → пензионер. Прашањето е зошто, кога истиот резултат може да се постигне со поедноставен и почесен модел: граѓанин → пензиски фонд.
Ако дел од средствата што денес се собираат како данок на личен доход од вработените се трансформираат во дополнителен придонес за првиот пензиски столб, може да се постигнат неколку суштински ефекти: стабилизација на пензискиот фонд без зависност од буџетски трансфери, целосна наменска употреба на средствата, поголема транспарентност и зајакнување на генерациската солидарност. Со иста вкупна финансиска тежина за граѓанинот, но со поинаква распределба, може да се добие појасен, пофер и подолгорочно одржлив систем, со значително помал простор за политичка манипулација.
Демографијата не лаже. Денешниот однос меѓу бројот на вработени и бројот на пензионери – приближно еден запирка седум према еден – е сериозен аларм за секој систем што функционира на принцип на тековно финансирање. Оваа реалност бара системски, а не козметички промени.
Идеално решение не постои, но постојат подобри и полоши решенија. Ако со истите пари можеме да изградиме пофер, појасен и поодржлив пензиски систем, тогаш тоа не е само техничка можност, туку морална обврска. Прашањето не е дали можеме да продолжиме вака, туку дали имаме право тоа да им го оставиме на оние што доаѓаат по нас.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

