
Актуелниот состав на Одборот на директори на ЗК Пелагонија ќе продолжи да управува со комбинатот и во наредните четири години. Претходно, предложената одлука треба да биде изгласана од акционерите на 11 август, за кога е закажано акционерското Собрание. Исто така, потврда треба да добие и одлуката, со која Јове Кекеновски влегува во ова раководно тело, на местотот од Селаудин Арифи.

Првата предлог-одлуката е за реизбор и продолжување на мандатот на членовите на Одборот на директори:
„Се врши повторен избор и се продолжува мандатот на членовите на Одборот на директори на Земјоделскиот комбинат Пелагонија ад Битола и тоа:
– Цветан Панделески од Охрид, економист,
– Весна Белешовска Бунтеска од Скопје, дипломиран економист
– Александар Георгиев од Скопје, дипломиран криминалист, магистер по безбедност и безбедносни науки,
– Анета Ѓоргиев од Битола, економист“.
Исто така, утврден е и месечниот паушал. Претседателот на Одборот на директори ќе добива нето износ од 2.000 евра, а неизвршните членови по 1.000 евра во денарска противвредност. Имаат и „право на надомест на сите патни и други трошоци, како и други права што се поврзани со вршењето на нивната функција, за што одлука донесува Одборот на директори“, пишува во предложената одлука.
Со другата одлука „се отповикува членот на Одборот на директори Селаудин Арифи од Кичево, економист“, а за неизвршен и независен член „се избира и назначува Јове Кекеновски од Скопје, дипломиран правник, доктор на политички науки“.
Одлуките ќе стапат на сила со денот на донесувањето.
извор: pari.com.mk