Утрински Весник
Свет

Во Милано сослушан осомничен за „Сараево сафари“

Sud.webp.webp

Во судот во Милано денеска беше сослушан 80-годишен маж кој се сомничи дека учествувал во таканареченото „Сараево сафари“ – плаќал за да се пука во цивили за време на опсадата на Сараево, која траеше од 5 април 1992 до 29 февруари 1996 година.

Осомничениот, поранешен возач на камион, преку својот адвокат тврди дека е невин. Италијанската полиција ја отвори истрагата во октомври, по објавите во весникот „Ил Џорнале“ за патувањата на „воени туристи“. Според тие наводи, богати Италијанци, симпатизери на крајната десница и ентузијасти за оружје, за време на војната оделе на ридовите околу Сараево за да пукаат во цивили, плаќајќи на босанските Срби околу 100.000 евра дневно.

Италијанските медиуми го опишуваат осомничениот како страстен ловец, сопственик на повеќе огнени оружја и носталгичен по фашизмот, кој наводно се фалел дека отишол во БиХ за „лов на луѓе“.

Прелиминарна истрага беше покрената минатата есен, по жалбата на италијанскиот новинар и писател Ецио Гаванеци, базирана на две сведоштва во документарниот филм „Сараево сафари“ на словенечкиот режисер Миран Зупанич, објавен во 2022 година.

Итно, обвинителството на БиХ потврди дека ја истражува вмешаноста на странски државјани за убиства на цивили во текот на 1.425 дена опсада на Сараево. Поранешната градоначалничка Бенјамина Кариќ веќе поднесе кривична пријава, а Градскиот совет на Сараево минатиот месец дозволи сегашниот градоначалник Самир Авдиќ да се приклучи во постапката пред италијанските судови, како поддршка на истрагата.

За време на најдолгата опсада во модерното војување, во Сараево загинаа повеќе од 11.500 луѓе, меѓу кои и стотици деца, а голем дел од цивилите беа застрелани од снајперисти на ридовите околу градот. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија оцени дека овие напади претставувале тероризирање на цивилното население, но досега ниту еден снајперист не бил изведен пред суд.

Можете да прочитате

ЕУ забранува уништување на непродадена облека за да ја заштити животната средина

Филмски грабеж на автопат во Италија

Потонал чамец со 55 мигранти во Либија