Утрински Весник
Македонија

Во Македонскиот КИЦ во Загреб заврши фестивалот на современата македонска книжевност

Foto7.jpg
Dik 300x250 mk

Со средбата со водечките хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто, синоќа во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, заврши тридневниот Фестивал на современата македонска книжевност. Разговорот со нив го водеше Нове Цветаноски, директор и главен уредник на Друштвото за издавачка дејност Македоника литера од Скопје, при што беа претставени македонските изданија на нивните книги за тинејџери – романите „За мајките сè најдобро“ од Сања Пилиќ и „Ванда“ од Силвија Шесто, кои Македоника литера ги објави непосредно пред одржувањето на Фестивалот. И двете книги со децении се задолжителна лектира во основното образованиево Хрватска, а двете авторки долг период се застапени со по неколку свои книги во списокот за задолжителна лектира и се најчитаните и најнаградуваните хрватски автори за деца.

На Фестивалот, кој годинава се одржа првпат и се очекува да стане традиционален, беа одржани уште неколку настани кои привлекоа големо внимание кај хрватската книжевна јавност и кај македонската заедница во Загреб. Меѓу другото, се одржа трибина на тема „Македонско-хрватските книжевни врски низ призмата на книжевниот превод“, на која учествуваа претставници од Македонија и универзитетски професори по книжевност од Загреб, афирмирани хрватски автори и реномирани уредници и издавачи, на која се разви интересна и продуктивна дискусија за македонско-хрватската соработка во областа на книжевниот превод.

На Фестивалот беа претставени и хрватските преводи на книгата со раскази „Сезона на глуварките“ на Блаже Миневски, книгата со раскази „Чувар на тајните“ на Ранко Младеноски, како и книгата со раскази на македонски јазик „Ви раскажував ли?“ од Борјана Прошев Оливер. Беше претставена и книгата на акад. Горан Калоѓера „Поглед отстрана. Рацин (1909 – 1943)“ и  фототипното издание на Бели мугри“ од Кочо Рацин, двете во издание на Македоника литера. За време на саемот беше поставена и изложба на книги на македонски јазик на хрватски автори издадени од Македоника литера со близу 50 наслови, како и книги на современи македонски автори објавени исто така од Македоника литера и на книги на учесниците.

Фестивалот се одвиваше во мошне конструктивна и продуктивна атмосфера и на кој беа овозможени многу контакти меѓу издавачи, уредници, автори и преведувачи и беа иницирани нови проекти за соработка, првенствено во областа на книжевниот превод од двете литератури. Всушност, замислата и целта на овој фестивал е да ја афирмира и уште повеќе да ја поттикнува македонско-хрватската соработка во книжевноста, издаваштвото и воопшто во културата.

Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска вели: „Идејата која нѐ поттикна да востановиме овој Фестивал е едноставна, но пред сѐ, длабока – книжевноста е простор на културни контакти, а преводот е културниот мост кој ги овозможува тие  контакти. Секоја преведена книга отвора нов свет, носи нов поглед и го шири нашето разбирање и познавање на другиот, но и на себе. Фестивалот, со својата успешна и добро смислена и реализирана програма, привлече големо внимание кај хрватската книжевна и издавачка јавност и покрај динамичната книжевна сцена во Загреб, а македонскиот Културно-информативен центар уште еднаш потврди дека претставува вистинска и интензивна сцена за македонската култура во главниот град на Република Хрватска“.

Можете да прочитате

Хорор во Дебарско: Киднапирана жена однесена во Струга и брутално силувана

Остатоци од човечко тело пронајдени во кавадаречко Сопот, предадени за обдукција и ДНК анализа

Скопје се буди од запуштеноста, градот се чисти од темел