Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја разреши директорката осомничена за поседување на лажна диплома за странски јазик. Истакна дека нема компромиси кога е во прашање спроведувањето на законите и апелираше до надлежните институции да го расветлат случајот до крај, работејќи непристрасно и водејќи се исклучиво според законодавната легислатива. Потенцираше дека правдата мора да излезе на виделина и при тоа да нема никакви негативни последици врз учениците и наставно-научниот процес.
-Нема компромис кога е загрозен Законот! Директорката веднаш е разрешена! По добиените информации дека една директорка на основно училиште поседувала лажна диплома за странски јазик, донесов одлука за нејзино разрешување. При самиот избор, разгледувањето на документацијата и интервјуто од страна на Училишниот одбор не било возможно да се увиди дека списите не се регуларни, при што е изготвен извештај за избор на најдобар кандидат, кој што ќе биде поништен, и наскоро училиштето ќе добие нов ВД директор.
Правдата мора да излезе на виделина, при тоа да нема никакви негативни последици врз наставно-научниот процес и што е најважно врз самите ученици. Апелирам надлежните институции да го расветлат случајот до крај, непристрасно, исклучиво водејќи се според законодавната легислатива. Врвен интерес преставува владеењето на правото и работа во интерес на сите граѓани на Општина Кисела Вода-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.