Утрински Весник
Македонија

Во Кина прославена 30-годишнината од класикот „Пред дождот” на Манчевски, ќе се прикажува и во Бразил и Словенија

Rain China.jpg

Македонскиот светски признат филмски класик „Пред дождот” на Милчо Манчевски, во чест на 30-годишнината од премиерата во 1994, изминатата недела беше прикажан во Сужу, Кина. Во организација на Државниот филмски архив на Кина, режисерот Манчевски со видео-обраќање го претстави „Пред дождот” пред кинеската публика, а филмот имаше имаше три проекции за три дена проследени со панел дискусии со реномирани кинески филмолози. 

„Како да ви претставам ‘Пред дождот’? Тоа е филм кој ‘Њујорк тајмс’ го стави на својата листа на 1.000 најдобри филмови некогаш создадени. Македонската држава го прогласи за културно наследство. Тоа беше филм што се случи многу брзо; тоа е исто така филм што речиси и немаше да се случи, кога две недели по почетокот на продукцијата проектот беше речиси откажан. Снимањето на филмот беше исполнето со позитивна енергија, со инспирација, но и со борба да се одржи на вистинскиот пат, да се зачува неговата душа. Снимавме во македонските планини кои не беа лесно достапни. Професионалци од 13 земји ги здружија силите во оваа македонско-британско-француска копродукција. Во близина, во Босна, беснееше војна”, рече Манчевски.

Тој додаде дека филмот е снимен и завршен на 35 мм филмска лента, на старомоден начин. 20 години подоцна, во 2014 година кога Македонската кинотека ја презеде дигитализацијата на неговите филмови, меѓу кои и „Пред дождот”, се соочил со можност, но и со дилема – дали со дигитално коригирање на боите да се промени изгледот на филмот на значаен начин. 

„Сепак, имав сериозни сомневања за оваа опција, колку и да изгледаше привлечна. Причината за ова беше етичка. Чувствував дека ‘Пред дождот’ беше завршен во 1994 година. Тоа беше филмот што требаше да биде, завршено уметничко дело, што ги претставува филмаџиите во одреден момент во времето. Влегувањето во филмот повторно се чинеше малку како сквернавење. Се чинеше малку нечесно да се смени филмот години по неговото завршување. Така, решив дека најдоброто нешто за филмот и најчесното нешто во целина е да не ги сменам колор корекциите на ‘Пред дождот’. Освен некои мали дотерувања, кои ги направија боите и светлината поспецифични и поверни на првичната идеја, новата колор корекција најмногу ја зачува и ја изострува сликата од оригиналниот негатив. И, еве го, пред вас, драги гледачи во Кина. ‘Пред дождот’, од моето срце до вашите”, рече Манчевски.

„Пред дождот” во Сужу беше дел од фестивалот со 8 реставрирани светски класици, меѓу кои и „Седум самураи” на Акира Куросава, „Жртвување” на Андреј Тарковски, „Разјарениот бик” на Мартин Скорсезе, „Сенки на заборавените предци” на Сергеј Параџанов, а ќе следат проекции и во Пекинг.

На 30-годишнината од светската премиера на Венецискиот фестивал и освојувањето на Златниот лав за најдобар филм, „Пред дождот” наскоро повторно ќе се прикаже и во Бразил, каде своевремено освои и фестивалски награди, имаше извонреден прием од публиката и критиката во кино-дистрибуцијата и беше меѓу избраните за филм на годината. Исто така, „Пред дождот до крајот на годинава ќе игра и на државната телевизија на Словенија.

„Пред дождот” беше прв македонски филм прикажан во Кина, наиде на голем успех и има култен статус. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот” „како библија во филмската нарација во три чина”. Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот” студентите учат за филмска структура. 

Минатиот месец, Државниот Филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот”, „Прашина”, „Сенки”, „Мајки”, „Бикини Мун”, „Врба”, „Кајмак” и краткометражните „Четврток” и „Крајот на времето”.

Во 2017, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.Во 2019 Манчевски беше и во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.

Можете да прочитате

Три години од трагедијата во Бугарија во која загинаа 45 македонски државјани

Откорнати се покриви од згради, куќи, паднаа и бандери – огромни штети од невремето синоќа

Денеска променливо облачно, претежно во западните делови со повремен снег, попладне облачноста ќе се намали