
Отворен ден на Армијата на Република Македонија и презентација на воената вежба „Брз одговор 2025“ ( Immediate response 25), се реализираат денеска во Кавадарци. Инаку, меѓународната вежба се спроведува на армискиот полигон „Криволак“.
На градскиот плоштад се изложени оклопни возила, борбени возила, вооружување и заштитна опрема. Учествуваат припадници од армиите на Република Македонија, САД, Република Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, ОК, Австрија и Косово.
Како што беше истакнато, цел на вежбата е подобрување на сојузничките воени способности, интероперабилноста на сојузниците и партнерите и преку демонстрација на висока подготвеност да се влијае на одвраќање на кој било вид на малициозни активности од потенцијалните противници.
Притоа, подвлечено беше дека настанот претставува пример за успешна меѓународна соработка, што ги надминува класичните воени параметри и преминува во доменот на долгорочен регионален просперитет и стабилност.
Населението имаше можност да ги види оклопните возила, вооружувањето и заштитната опрема.
Меѓународната вежба е дел од најголемата НАТО – вежба оваа година на тлото на Европа, „Defender 25“. Во вежбовната активност на армискиот полигон „Криволак“ учествуваат над 2.200 армиски припадници од земјите – учеснички.
Градоначалникот Митко Јанчев изрази задоволство од настанот.
– Овој настан претставува дел од активностите за одбележување на значајни датуми и зајакнување на врската меѓу Армијата и граѓаните. Настанот ќе им овозможи на граѓаните, особено на младите, одблиску да се запознаат со техниката, припадниците и мисијата на нашата Армија – гордост на Македонија и чувар на мирот. Армијата не е само за војна! Таа е за со народот, подвлече Јанчев.