Утрински Весник
Македонија

Во Кавадарци одбележана 24-годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување

20250823193844 big 730x400 88.webp.webp

Дваесет и четири годишнината од формирањето на Единицата за брзо распоредување, беше одбележана вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци. На плоштадот и во општинската зграда беше изведена и тактичко – показна вежба.

Како што истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министри, дипломати, многубројни гости и граѓани, овој ден е посветен на сите припадници на ЕБР, на оние што и денес се во служба, на оние што низ годините со чест ја носеле униформата, на семејствата кои секогаш стојат зад нив, но и на нашите херои што го положија својот живот во извршување на службената должност.


„Одбележуваме 24 години од формирање на ЕБР, години исполнети со професионализам, пожртвуваност и верност кон државата и граѓаните. Во тие години, дел од нашите припадници ја платија највисоката цена, го дадоа својот живот за Македонија. Нивната жртва е втемелена во историјата на ЕБР и останува трајна обврска за сите нас да продолжиме по патот што тие го трасираа“, нагласи министерот.

Тој додаде дека единицата за брзо распоредување низ годините се изгради како современа, добро обучена и доверлива формација.

„Нејзините припадници постојано ги усовршуваат своите способности и знаења, следејќи ги највисоките полициски стандарди и прилагодувајќи се на новите безбедносни предизвици. Тоа што ја прави ЕБР посебна е фактот дека секој нејзин припадник е подготвен да преземе одговорност и да дејствува во најтешките и најризичните ситуации, каде одлуките мора да се донесат за секунди. Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните“, подвлече Тошковски.

И тоа е очигледен факт, рече,  што не прави горди сите нас.

„А особено најблиските на нашите поранешни и сегашни колеги што гордо ги носеле и ги носат униформите на Единицата за брзо распоредување. Во изминатава година со многу работа и посветеност успеавме да го стабилизираме системот, да го вратиме редот и да го раздвижиме механизмот кој со години беше закочен.  Ова беше година на консолидација, но и покрај тоа постигнавме резултати какви што не беа постигнати години наназад. Тоа е доказ дека кога има волја и посветеност, резултатите доаѓаат“, посочи министерот.

Тој рече дека разбиени се опасни криминални групи, расветлени се стотици кривични дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај нашите млади, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата, поднесени се десетици пријави за корупција.

Притоа истакна дека дојде време да покажеме дека државата е посилна од било кој криминалец, било која мрежа, било која коруптивна структура, дојде време да си ја вратиме довербата во институциите.

„А токму во остварувањето на овие цели со гордост можам да кажам дека припадниците на Единицата за брзо распоредување имаа и имаат незаменлива улога. Вие сте тие што сте на првата линија, вие сте тие што секојдневно ја носите тежината на униформата, а со неа и одговорноста да се застане во одбрана на животот, на мирот и на безбедноста на граѓаните. Вашата работа е тивка, но вашите дела зборуваат гласно. И токму затоа, еден од нашите приоритети ќе биде да ја негуваме, унапредуваме и опремуваме Единицата за брзо распоредување, бидејќи Македонија има потреба од силна полиција што секогаш е подготвена да се исправи пред предизвиците. Ние сме должни да ви обезбедиме најдобри услови, современа опрема и обуки, затоа што вие тоа го заслужувате“, подвлече Тошковски.

Нашата определба, рече,  е да изградиме систем каде нема да има страв, каде законите ќе важат еднакво за сите и каде државата ќе биде сојузник на граѓаните, а не на криминалците. Ова е борба, додаде,  за иднината на нашата земја, борба за подобра и посигурна држава за сите нас.

„Сега имаме министерство што делува одговорно и полиција што е блиску и работи во интерес на народот. Впрочем и денешново наше присуство, односно чествување на денот на Единицата за брзо распоредување овде во Кавадарци е реален показател за нашата одлучност да бидеме што поблиску до сите наши сограѓани, во сите места низ државата. А кавадарчани покажале дека знаат да ги ценат напорите на македонската полиција, профилирајќи се како нејзини вистински партнери, кои континуирано тежнеат кон зголемување на безбедноста во заедницата и јакнење на меѓусебната доверба“, нагласи министерот.

Во тој контекст, додаде тој, развојот и иднината на Единицата за брзо распоредување треба да ги гледаме како дел од севкупниот напредок на полицискиот систем. Особено денес, во време на сериозни регионални и глобални предизвици, улогата на ЕБР е клучна. Со својата специјалност и надлежности, таа отсекогаш била и ќе биде во првите редови на борбата против секаков вид на закани по безбедноста на државата.

„Затоа, без ни грам сомнеж, за Министерството за внатрешни работи унапредувањето и опремувањето на ЕБР е меѓу врвните приоритети“, посочи министерот.

Досегашниот командант на Единицата, Зоран Јанаќијев, во оваа прилика изрази најдлабока почит кон сите колеги и другари, припадници на ЕБР, кои што ги дадоа своите животи во исполнувањето на задачите во одбрана на безбедноста и сигурноста на нашатата земја и на нашите граѓани. Тој  упати благодарност и до сите поранешни припадници на Единицата, чиј придонес е длабоко вткаен во нејзиниот развој и напредок.

Тој рече дека единицата за брзо распоредување навлегувајќи во својата трета деценија од постоење денес – технички, професионално и организационо – веќе е прерасната во една од темелните полициска формација, пред се во делот на она што значат посебни и специјални полициски задачи и области на делување, чија што позиција, улога и функционалност се незаобиколни во полициското секојдневие, односно во остварувањето на сите зададени безбедносни задачи и цели.

„Тежнеејќи, во сите овие години зад нас, кон градење и воспоставување на квалитетни професионални стандарди соодветно на вредностите и нормите на сличните такви европски  специјализирани полициски единици, можеме да констатираме дека Единица за брзо распоредување, согласно своите одлики и широки оперативни перформанси, денес претставува една од суштинските структури во реализирањето на безбедносните концепти на нашата држава, а пред се во интерес на сигурноста и заштитата на граѓаните, на материјалните добра, на правниот поредок и јавниот ред и мир“, истакна тој.

Всушност, додаде,  активностите на Единицата, односно на нејзините припадници можеме да ги опишеме како еден широк спектар од полициски делувања.

Вклучително и учество во актуелното справување со пожарите преку планското асистирање во активности на Центарот за управување со кризи, на секторите за внатрешни работи, на противпожарните единици и локалните власти, на подрачјата зафатени со пожари, па се до учество во мисии за спасување или потрага по исчезнати или повредени лица, особено во рурални и тешко пристапни средини.

Стручно-техничката поставеност и обученост на Единицата, рече,  овозможува нејзините капацитети постојано да бидат на располагање за исполнување на сите зададени задачи.

Така што, подвлече,  ЕБР се позиционираше како една од клучните алки во новите концепти на полициско работење на Бирото за јавна безбедност, пред се во поглед на концептот  на полицијата како сервис на граѓаните.

„Секако, свесни сме дека постојаната динамичност на процесите бара и постојано унапредување на капацитетите на единица особено од аспект на стручно-професионалната наобразба и едукација и во тој смисол припадниците на Единицата партиципираат во низа обуки од доменот на надлежност на организационата единица, како што е на пример воспоставувањето на нарушен ЈРМ во поголем обем, потоа изведување на полициски операции во урбана средина и изведување на полициски операции во рурална средина, како и низа други специјалистички обуки. Целосно сме насочени особено кон  техничко-технолошко надградување и примена на сите нови и модерни средства и опрема  во извршување на секојдневните задачи како што на пример е употребата на беспилотните летала“, истакна Јанаќијев.

Независно што неговиот работен статус по сила на закон наскоро престанувал заради пензионирање, тој рече дека го нагласува  неспорниот факт дека општ и неподелен е стремежот на сите припадници на ЕБР да се продолжи во правец на натамошно функционално и организационо модернизирање на единицата.

„Длабоко сим убеден дека Единицата, со поддршката што ја има од надлежните и надредени структури во министерството, таквите цели ќе ги исполни во целост“, посочи Јанаќијев.

Беа доделени плакети, благодарници и пофалници.

Можете да прочитате

Сиљановска Давкова се сретна со делегација на раководството на Струшките вечери на поезијата

Мицкоски: Благодарност до ЕБР за нивната пожртвуваност и посветеност кон граѓаните и татковината

Деветнаесетти „Марш на ангелите“: Нашите деца не се статистичка бројка, бараме вистинска, целосна и праведна разрешница