Виена, Париз и Рим, заедно со уште девет земји од ЕУ, се подготвени да тврдат дека месото одгледано во лабораторија е „закана за вистинските методи на производство на храна“.
Како што пишува „Евроактив“, наводно постои забелешка во која се вели дека месото одгледано во лабораторија „не претставува остварлива алтернатива на примарното производство на фармите“ и дека тоа покренува етички, економски, социјални и здравствени прашања кои се „клучни за идното општество“. И дека „овие практики претставуваат закана за пристапите засновани на примарни фарми и вистински методи за производство на храна кои се во срцето на европскиот модел на земјоделство“, се вели во забелешката чиј автор е австриската, француската и италијанската делегација, а поддржана од делегации од Чешка, Кипар, Грција, Унгарија, Луксембург, Литванија, Малта, Романија и Словачка.
Во последните денови се вжештува приказната за масовната употреба на клеточното месо. Да потсетиме дека неодамна Израел официјално ја одобри продажбата на клеточно говедско месо, а оваа година зелено светло за продажба даде и Америка.
Како што пишува „Агроклуб“, Италија досега беше најгласниот противник на месото кое се одгледува во лабораторија и предложи забрана. Мерката во моментов е под лупа на ЕУ за можни прекршувања на правилата на единствениот пазар.
Холандија беше пионер во производството на лабораториско месо, потпирајќи се на истражувањето на професорот Марк Пост од Универзитетот во Мастрихт, кој во 2013 година на јавноста и го претстави првиот хамбургер направен во лабораторија.
Во 2021 година, ЕУ додели два милиони евра на холандски проект развиен од компанијата за исхрана на животните „Nutreco“ заедно со „Mosa mito“, стартап кој произлезе од експериментите на професорот Пост.